ДОБРОДОЈДОВТЕ ВО

ГРАД НА СОНЦЕТО,
ТРАДИЦИЈАТА
И СРЕЌАТА!



Please update your Flash Player to view content.

НАСПРОТИ ПРЕДИЗВИЦИТЕ РЕАЛИЗИРАНИ ПОВЕЌЕ ПРОЕКТИ И АКТИВНОСТИ

Градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов на вчерашната седница на Советот на општина Гевгелија ги информираше советниците за сработеното во текот на 2016 година.

Притоа, Франгов нагласи дека наспроти повеќето предизвици, општина Гевгелија успеала да се справив со повеќето проблеми и да обезбеди нормално функционирање на локалната самоуправа. Истовремено, да реализира или подготви за реализација повеќе проекти и активности, кои се од посебен интерес за граѓаните на општина Гевгелија. Во своето обраќање пред советниците градоначалникот на општина Гевгелија рече:

- Минатата година, како што и сами знаете, бевме соочени со повеќе предизвици, а, се разбира и непредвидени трошоци. Во прв ред, бегалската криза, која предизвикуваше проблеми и по затворањето на балканската рута. Потоа, заштитата и расчистувањето на речните корита, посебно на Сува река, поради надојдените води. Секако и наметнатиот проблем со водоснабдувањето кое предизвика дополнителни активности за изработка на проекти и истражувања. Забавените активности за донесување на урбанистичките планови, продажба на градежни парцели, спроведувањето на тендерски постапки, како резултат на неколкукратното започнување и откажување на изборниот процес, исто така, имаше влијание на тековните активности. И покрај тоа, успеавме да се справиме со повеќето од овие проблеми, некои од нив да разрешиме, а што е најважно -  обезбедивме нормално функционирање на локалната самоуправа. 

Образлагајќи по Извештајот за работата на градоначалникот на општина Гевгелија во 2016 година, Франгов ги посочи конкретните реализирани активности:

-Подобрувањето на условите за поволна бизнис клима, наспроти присутните предизвици, беше еден од приоритетните прашања и во текот на минатата година. Инициравме и спроведовме неколку конкретни мерки за подобрување на бизнис климата, пред се, во сферата на урбанистичкото планирање и уредување на градежното земјиште. На заинтересираните инвеститори, на продажба под поволни услови, им понудивме градежни парцели за станбени објекти и стопански капацитети. Сите поднесени барања за одобренија за градба, кои исклучиво се подготвуваат и издаваат по електронски пат, навремено се решени.

Паралелно настојувавме да ја подобриме и инфраструктурната слика на општина Гевгелија. Во прилог на тоа зборуваат новоизградените 4 км нови улици, обновениот асфалт на над 8.300 м² улична површина, бетонираните 4.614 м² улични краци и тротоари, како и покриените 9.257 м² тротоари и патеки со павер елементи. Во завршна фаза е изградбата на примарната и секундарната сообраќајна мрежа на клучката кај мултинаменскиот комплекс „Милци“, која треба да ја поттикне инвестиционата активност во оваа туристичко-стопанска зона. Додека пак со изградбата на новите канализациони линии во Моин и Давидово, продолживме со проширувањето и подобрувањето на комуналната инфраструктура во населените места. Заврши изградбата на уште 1090 метри од одводниот канал Рауљ - проект финансиран од ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Грција, а деновиве стартуваме со изградбата на последната фаза од овој одводен канал.

Изминатава година, по долги консултации и подготовки за реализација, но, и по затворањето на финансиска конструкција стигнавме до реализација на новиот водоснабдителен систем во Гевгелија. Потпишан е договор за изградба со АД„Хидрострој“ од Софија, во вредност од 105 милиони денари, кои средства се веќе обезбедени преку подзаем од Светската банка, ИПА-грант и национално учество. Изградбата на водоснабдителниот систем стартуваше на 15 февруари 2017 година, а треба да заврши до крајот на ноември годинава.

По јавната презентација и анкета на Студијата за оценка на влијанието на животната средина, беше издадено одобрение за градба на Конска брана, така што наскоро се очекува изведувачот на овој капитален зафат – турската компанија „Адилхолдинг“ да стартува со изградбата. Во првата половина од 2017 година се очекува предавање во употреба на Пречистителната станица кај Вардар, а во завршна фаза е изградбата на Градскиот пазар. Светска банка го одобри проектот за доградба на нови 14 училници во Средно-училишниот центар „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, со што ќе се обезбедат услови за едносменска настава и заштеда на енергија.

 На чекор сме и кон разрешувањето на  уште еден горлив проблем – складирање и дистрибуција на комунален отпад, за која цел добивме поддршка од УНДП и финансиски грант од Јапонската влада за изградба на Времена мини депонија. Според најавите од УНДП, која ја води постапката, во април треба да биде распишан тендерот за избор на најповолен изведувач. Кога сме кај меѓународната финансиска поддршка на нашите проекти и активности, во оваа прилика сакам да ја истакнам обновената комунална механизација, која е ставена во функција на јавното комунално претпријатие „Комуналец“.

Имено, Делегацијата на ЕУ и донираше на општина Гевгелија две возила за комунален смет, една вакуум цистерна и булдожер, додека пак УНДП донираше трактор, валјак и комбе за превоз на комунална опрема и работници.

Минатата година општина Гевгелија аплицираше со два проекти на повиците од ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Бугарија и Грција. Проектот за туристичко уредување на локалитетот Динќут е одобрен за финансирање од ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, а претстои потпишување на договорот. Реални се очекувањата до крајот на овој  месец проектот АКВА М2, за регулација на дел од коритото на Сува река, успешно да ја мине втората еваулација на ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Грција. Сето ова значи дека бенефитите од преземените активности и започнатите проекти во 2016 година ќе се почувствуваат, односно веќе се чувствуваат и во 2017 година. Дел од овие предвидени и подготвени активности и проекти веќе започнаа да се реализираат во изминативе месеци, рече градоначалникот Иван Франгов. На крајот од своето обраќање тој изрази благодарност до Советот на општината за поддршката, за што несомнено зборува и податокот дека сите   предложени акти од негова  страна се прифатени. Иако, само од мнозинството на советници, со нагласена  воздржаност на дел од советниците, дури и кога стануваше збор за стратешките документи за развој на општината. Значајно е што функционирањето на локалната самоуправа не беше блокирано, а со тоа и унапредувањето на квалитетот на услугите кон граѓаните. Бидејќи тоа е, а и треба да биде, наша единствена и заедничка цел, заклучи градоначалникот на општина Гевгелија во своето обраќање пред советниците.

БИЗНИС ПОНУДА

КУЛТУРА

ТУРИСТ ИНФО

АКТУЕЛНО

_____________________
 

НАРЕДНИ НАСТАНИ

_____________________