ДОБРОДОЈДОВТЕ ВО

ГРАД НА СОНЦЕТО,
ТРАДИЦИЈАТА
И СРЕЌАТА!



Please update your Flash Player to view content.

ЗАЕДНИЧКА ЗАЛОЖБА ЗА МОДЕРНА, ЕВРОПСКА И ПРОСПЕРИТЕТНА ОПШТИНА

Денот на ослободувањето на Гевгелија-7 ноември беше одбележан со повеќе манифестации, а градоначалникот на општина Гевгелија одржа свечен прием.

На одбележувањето на 73 годишнината од пристигањето на слободата во Гвгелија присуствуваа бројни гости од општината, земјата и странство, меѓу кои и делегации од збратимените општини Инџија, од Србија, Севлиево, Бугарија, и од Јабланица, Би Х. Обраќајќи им се на присутните градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков најнапред изрази почит кон сите борци, кои се бореле и придонеле за слободата на Гевгелија, а упати и  благодарност до сите сограѓани, кои во изминатите седум децении, работеле и помогнале за развојот на градот и општината.

-На градоначалничката функција стапив пред неполни две недели. Во оваа свечена прилика сакам уште еднаш да изразам благодарност до сите граѓани во општина Гевгелија кои на првиот круг од локалните избори ми ја дадоа својата доверба и поддршка. 

Но, истовремено сакам да изразам благодарност и до сите граѓани, институции и политички партии кои учествуваа во изборниот процес на фер и демократски начин и со тоа допринесоа слободно да се изрази волјата на граѓаните.

Сите ние заеднички без разлика на политичките определби ја споделуваме заложбата за модерна, европска и просперитетна Гевгелија во која подобро и подостоинствено ќе живееме, ќе создаваме и ќе напредуваме. И во оваа наша визија за нашиот роден град мораме сите да се вложиме со сите наши капацитети. Секој еден од нас е уникатен и незаменлив дел од мозаикот- затоа мораме сите заедно посветено да работиме за да ја оствариме визијата за успешна и просперитетна Гевгелија.

Пред нас стојат големи и тешки предизвици. Солиден дел од мандатот ќе биде посветен на санирање на грешките направени од изминатиов период. 

Општината мора да изнајде начин да ги надмине финансиските проблеми, да ги отплати долговите и да го рационализира управувањето со парите на граѓаните. Во таа насока веќе работиме на тоа да ја направиме општината максимално транспарентна и отворена. Од друга страна, општината мора да го реализира она што им е потребно на граѓаните.

-Час поскоро мораме да изнајдеме одржливо решение на проблемот со гевгелиската вода. За таа цел продолжуваме со довршување на проектот за изградба на нов Водоснабдителен систем во Гевгелија. Наскоро Гевгелија ќе има чиста и здрава вода за пиење. Со ова ќе се реши еден од најгорливите проблеми на жителите на општината.

-За неколку месеци ќе биде пуштена во употреба и Пречистителната станица со што Гевгелија ќе добие современ систем за пречистување на комуналните отпадни води.

-Ќе бидат изградени и нови 14 училници во Средното општинско училиште Јосиф Јосифовски, со што училиштето ќе добие нови капацитети и поголема енергетска ефикасност и економска заштеда.

-Дополнително на ова веќе отпочнавме со постапките за изградба на нова детска градинка во Северниот дел на градот со што ќе се зголемат капацитетите и ќе се растеретат постоечките детски градинки. Со ова на дело покажуваме дека се грижиме за благосостојбата на децата и на идните генерации.

-Во периодот кој претстои ќе работиме на подготовка на буџетот на општината за 2018 година во кој ќе бидат предвидени и дел од проектите ветени во изборната програма за чие остварување граѓаните ја дадоа својата поддршка, реше Поцков.

-Наш водечки мотив во сево ова и главен приоритет ни е граѓанинот и неговите права и интереси. За таа цел и јас како градоначалник и Советот и целата општинска администрација ќе работиме посветено на тоа да го олесниме и подобриме животот на граѓанинот и да ја направиме Гевгелија подобро и подостоинствено место за живеење со перспективи за раст и развој.

Имаме обврска и кон нашите претци, но и кон идните генерации да ги реализираме приоритетните определби и да го вратиме животот во Гевгелија за сите. 

Во сите вас овде присутни денес- претставници на политичките партии, бизнис заедницата, луѓето од културата, образованието, уметноста, спортот и невладиниот сектор- гледам огромен потенцијал кој чека да му се даде можност за да биде вложен во заедничката визија за подобра Гевгелија. 

Затоа ве поканувам сите, секој од вас на свој начин, да продолжите да размислувате, да се трудите и да создавате. Во мене, во Советот и во администрацијата секогаш ќе најдете искрен и посветен партнер за соработка за општото добро на сите во Гевгелија, рече во своето обраќање градоначалникот Сашо Поцков, честитајќи им го празникот на сите граѓани.

На свечениот прием гостите ги поздравија и градоначалниците на Севлиево Иван Иванов, на Јабланица Салем Дедиќ и на Инџија, Владимир Гак, честитајќи му на новоизбраниот градоначалник на општина Гевгелија Сашо Поцков, како и изразувајќи надеж дека соработката меѓу збратимените општини ќе продолжи. 

Сосема на крај, дозволете ми уште еднаш да Ви го честитам Денот на ослободувањето на Гевгелија и да Ви посакам добро здравје и успех, многу вакви празнувања и уште повеќе резултати за општина Гевгелија.

БИЗНИС ПОНУДА

КУЛТУРА

ТУРИСТ ИНФО

АКТУЕЛНО

_____________________
 

НАРЕДНИ НАСТАНИ

_____________________