ДОБРОДОЈДОВТЕ ВО

ГРАД НА СОНЦЕТО,
ТРАДИЦИЈАТА
И СРЕЌАТА!



Please update your Flash Player to view content.

ЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ВРЕМЕНАТА ДЕПОНИЈА ЗА КОМУНАЛЕН ОТПАД

Во Гевгелија денес започна изградбата на новата Времена депонија за комунален отпад, која ќе се реализира со грант од Јапонската влада, обезбеден со поддршка на УНДП. 

По тој повод, во општина Гевгелија беше одржана презентација на проектот, на која присуствуваа постојаната претставничка на УНДП во нашата земја, амбасадорката Луиза Винтон и амбасадорката на Јапонија во нашата земја Кеико Ханеда. 

Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на отворањето на презентацијата истакна дека проблемот со депонијата во Гевгелија е долгогодишен, но, бегалската криза го забрза неговото решавање. Притоа, изрази благодарност до УНДП за поддршката и донацијата од Јапонската влада.

- Поддршката на меѓународната заедница за време на бегалската криза за нас беше значајна – почнувајќи од донираната комунална опрема од УНДП, па, се до извршената реконструкција на бунарот со вода за пиење кај Вардар, со доделениот јапонски грант.

На наше големо задоволство ваквата поддршка беше крунисана со обезбедениот грант од Владата на Јапонија, со кој Гевгелија ќе добие нова најмодерна  депонија за комунален отпад. Но, и ќе обезбеди значаен предуслов за профункционирање на неколку други капитални проекти во општината. Проекти кои значително ќе ја подобрат еколошката слика на општина. Пред се, новата Пречистителна станица крај Вардар, новиот водоснабдителен систем во Гевгелија и изградбата на нови канализациони и водоводни линии во општината. Ова се значајни предуслови за остварување на оддржливиот  економски и еколошки развој на општина Гевгелија, што беше моја определба при преземањето на градоначалничката функција, а сега е вградена и во развојните програми на општина Гевгелија, рече Сашо Поцков.

Амбасадорката Луиза Винтон, постојана претставничка на УНДП во нашата земја ги посочи настојувањата на Агенцијата за развој на ООН за време на бегалската криза да им се помогне на двете општини зафатени од кризата, Гевгелија и Куманово. Пред се, за подобрување на водоснабдувањето и управувањето со комунален отпад.

- За таа цел беше подготвен посебен проект за поддршка на локалните власти зафатени со бегалската криза со буџет од 2.225.000 евра, кои средства беа обезбедени од страна на Јапонската влада. За време на реализацијата на проектот УНДП вниманието го насочи кон две значајни прашања во подрачјата зафатени со кризата – управувањето со отпадот и подобрувањето на водоснабдувањето. За потребите на ЈПКД„Комуналец“ во Гевгелија беа набавени комунална опрема и комбе за превоз на комунални работници и опрема. Но, финалната активност беше насочена кон изградба на нова санитарна депонија, бидејќи постојната, особено за време на бегалската криза, не одговараше ниту според капацитетот, а ниту пак според потребните стандарди. По изработената студија и целосно завршената административна процедура, на мое големо задоволство, стигнавме и до финализација на проектот, истакна амбасадорката Луиза Винтон.

Во своето обраќање јапонската амбасадорка Кеико Ханеда нагласи дека Јапонската влада за време на бегалската криза додели 4,7 милиони евра грант за регионот, од кои средства најголемиот дел се наменети за финалниот проект – изградбата на депонија во Гевгелија. Тоа ми причинува посебно задоволство и чест да им овозможиме на граѓаните на општина Гевгелија подобри услови за живот, а тоа не го правиме за прв пат. Имено, Јапонската влада досега во неколку наврати донираше средства за подобрување на условите за настава во училиштата и во општата болница во општина Гевгелија. Со ваквата соработка ќе продолжиме и во иднина, рече амбасадорката Кеико Ханеда.

Санитарната депонија во Гевгелија е прва ваква депонија во земјата, која ќе биде изградена според европските стандарди. Вредноста на проектот е 960.645 долари, а изведувач на работите е фирмата „Жикол“, која на меѓународниот тендер даде најповолна понуда. Новата депонија во Гевгелија, која ќе овозможи затворање на постојната несоодветна депонија кај Сува река, треба да биде готова до крајот на август годинава. Депонијата ќе биде од времен карактер, а ќе биде дел од системот на Регионалната депонија која треба да биде изградена во рамките на Југоисточниот плански регион, каде што гравитира и општина Гевгелија.

 

БИЗНИС ПОНУДА

КУЛТУРА

ТУРИСТ ИНФО

АКТУЕЛНО

_____________________
 

НАРЕДНИ НАСТАНИ

_____________________