ДОБРОДОЈДОВТЕ ВО

ГРАД НА СОНЦЕТО,
ТРАДИЦИЈАТА
И СРЕЌАТА!



Please update your Flash Player to view content.

ВО ГЕВГЕЛИЈА ВЕЌЕ СЕ ПРИМЕНУВААТ ЕВРОПСКИТЕ СТАНДАРДИ

Гевгелија е посебно место, кое е едно од ретките, каде што не треба да се објаснува што значи Европската унија. Се наоѓа на самата граница со земја-членка на ЕУ, има слободна комуникација на луѓе капитал, размена на услуги.

Гевгелија и нејзините граѓани никогаш немале проблеми со своите први соседи во Грција и таа е светол пример како треба да се решаваат проблемите меѓу две соседни земји, рече на вчерашната тркалезна маса во Гевгелија „Придобивки од европската интеграција на Република Македонија за локалната самоуправа“ амбасадорот на Кралството Шведска во нашата земја Матс Стафансон. На тркалезната маса што ја организираше општина Гевгелија, по повод Денот на Европа-9 мај, учествуваа републички пратеници, претставници на локалната самоуправа, на локалните јавни установи, на НВО сектрот, на бизнис заедницата, културни работници и млади луѓе. Сите тие, во интересната расправа, нагласија дека во Гевгелија беќе се применуваат европските стандарди и вредности.

Модераторот на тркалезната маса, Драган Алчинов, најпрво, го потенцираше значењето на Денот на Европа, кое резултираше со оформување на европското семејство, кон кое ние со право треба и очекуваме да бидеме вклучени. Веднаш потоа градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков ги посочи искуствата на општина Гевгелија од досегашната соработка со ЕУ, но и за очекувањата на граѓаните од европската интеграција на нашата земја, нагласувајќи ја нивната проевропска ориентираност:

- Во оваа прилика сакам да нагласам дека само преку ИПА-Програмата за прекугранична соработка со Грција и Бугарија, за периодот 2007-2013 година, во општина Гевгелија се реализирани шест проекти со европски грант од 950.000 евра. Во моментот се реализираат уште два проекти од истата програма, и тоа, за уредување на излетиштето Динќут, за што ни се доделени 170.000 евра, и за регулација на дел од Сува река, со доделените 516.000 евра. Покрај подобрувањето на инфраструктурната слика на општината, овие проекти придонесоа за унапредување на прекуграничната соработка, посебно со општините во соседна Грција, а се разбира, и за зајакнување на капацитетот на локалната самоуправа, рече градоначалникот Поцков, објаснувајќи дека во општина Гевгелија веќе се применуваат европските стандарди, а настојувањата се насочени кон нивно натамошно проширување. Затоа, по преземањето на градоначалничката функција се заложив за обезбедување на основните предуслови за остварување на одржлив  економски и еколошки развој на општина Гевгелија. Тоа значеше продолжување и финиширање на веќе започнатите проекти, но и обезбедување услови за нови проекти кои ќе го поттикнат локалниот економски развој.

Амбасадорот на Кралството Шведска Матс Стафансон го поздрави справувањето на Гевгелија во 2015/2016 година со бегалската криза, а посебно се задржа на процесот на проширување на ЕУ, посебно, интегрирањето на Западниот Балкан. Притоа, нагласи:

-ЕУ-проектот не е завршен, се уште е во развој, бидејќи има дел кој недостасува, а тоа се земјите од Западниот Балкан. Среќен сум што по подолг застој, Западниот Балкан се најде високо на агендата за проширување на ЕУ. Република Македонија пред 20 години беше водечката земја од екс-југословенските републики, која се осамостои без војна, на патот за ЕУ, но, за жал спорот со Грција го отежна овој процес, а внатрешните случувања и развој во изминатата деценија уште повеќе го усложнија. Но, нештата се движат во правилна насока, а европските политичари се импресионирани од она што се случува во Македонија во изминатава година, рече Стафансон нагласувајќи дека следните неколку недели се многу значајни за Република Македонија и Западниот Балкан, почнувајќи од состанокот на лидерите на ЕУ и Западниот Балкан во Софија, каде што се очекува потврда за решеноста на ЕУ за интегрирање на Западниот Балкан. На крајот од јуни, на состанокот на лидерите на ЕУ се надеваме дека Македонија ќе добие препорака за отпочнување на преговорите за влез во ЕРУ, а веќе во јули, доколку се реши спорот со името, Република Македонија да стане и членка на НАТО, рече амбасадорот Матс Стафансон, констатирајќи дека нештата во Македонија се многу подобри отколку во изминатите 12 години и дека еден ден ќе ја посети Македонија, како членка на ЕУ, можеби заедно со Црна Гора и Србија.

Учествувајќи во расправата републичкиот пратеник Хари Локвенец нагласи дека негова перцепција за ЕУ е споделувањето на европските стандарди и вредности, а основен критериуми за успешност на секоја единица на локалната самоуправа треба да претставува нејзиниот капацитет.

Општинскиот советник Тихомир Ручкоманов зборувајќи за очекувањата од зачленувањето во ЕУ, укажа на потребата од отворање на регионални канцеларии во Брисел на нашите региони и формирање на муилтимодерен транспортен центар во Гевгелија. Додека ликовната графичарка Мирјана Крстева Масети ги посочи искуствата од сопствените и учествата на македонските ликовни уметници во земјите-членки на ЕРУ, но и ограничувања. Директорот на ФЛОРИТ Ристо Атанасовски зборуваше дека во Гевгелија повеќе граѓански здруженија имаат значајни искуства во користењето на европските предпристапни фондови. Матурантот Филип Аблаков, заедно со своите другари од СОУ„Јосиф Јосифовски“ ја истакна потребата од поголема информираност и вклученост на младите во сите процеси и активности што се случуваат на ниво на општина. Катица Хаџиниколова од НВО укажа на потребата од дислокација на обуките околу пристапноста до ЕУ-фондовите од Скопје во помалите места, а општинскиот советник Тодор Ристов зборуваше за проектите на Агенцијата за вработување наменети за младите невработени лица. Претседателот на Советот на општина Гевгелија Ташко Дојчинов, вклучувајќи се во расправата, нагласи дека во општина Гевгелија веќе се применуваат европските вредности, а сите одлуки на Советот на општината во врска со аплицирањето за европските фондови се носат едногласно, без разлика на политичката определба на советниците.

На крајот од тркалезната маса беше констатирано дека проевропската ориентација на граѓаните на општина Гевгелија е повеќе од очигледна.

 

БИЗНИС ПОНУДА

КУЛТУРА

ТУРИСТ ИНФО

АКТУЕЛНО

_____________________
 

НАРЕДНИ НАСТАНИ

_____________________