ДОБРОДОЈДОВТЕ ВО

ГРАД НА СОНЦЕТО,
ТРАДИЦИЈАТА
И СРЕЌАТА!



Please update your Flash Player to view content.

УСПЕШНИОТ РЕФЕРЕНДУМ ГИ ОТВОРА ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ ЗА МАКЕДОНИЈА

Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев вчера (26.09.2018) присуствуваше на средба со стопанствениците од Гевгелискиот регион. На средбата присуствуваа стопанственици од општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран,

како и странски инвеститори од соседна Грција, Шведска, Турција, Србија, кои имаат свои производни или туристичко-угостителски објекти во овој регион. На средбата присуствуваше и амбасадорот на Република Грција во нашата земја Димитрис Јанакакис.

Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, поздравувајќи ги гостите ги изнесе очекувања на општината од Владата за поддршка на остварувањето на оваа цел. Пред се, заокружувањето на финансиската децентрализација и обезбедувањето на поголема финансиска самостојност на локалната самоуправа. Секако и пренесување на дел од приходите што се остваруваат на нејзината територија во општинскиот буџет, пред се,  приходите  што се остваруваат од концесии и лиценци во казино-бизнисот, како и зголемен процент на повраќање на ДДВ за општините. Поцков ја посочи и потребата од обесштетувањето на земјоделците и земјоделските компании за претрпените штети од јунското невреме, а исто така и комунално-инфраструктурно уредување на ТИРЗ „Прдејци“.

-Овој регион е многу важен бидејќи партиципира сериозно во вкупниот БДП, трговската размена, извозот, увозот којшто Македонија го има. Потенцијалот којшто го отвораме после успешниот референдум е уште поголем. Грција е втор најголем трговски партнер на Македонија, после Германија. Мене ми е многу драго што уште во најава на имплементацијата на Договорот бројките покажуваат сериозно следење од страна на бизнис заедницата на трендот на раст на тоа пријателство и партнерство. Голем дел од фирми од Македонија и Грција се партнери, со мешовит капитал, пријателството отвора сериозни перспективи. Во првите седум месеци од 2018 година, во споредба со јануари-јули 2017 година, вкупната трговија пораснала за 16,5 проценти, односно изнесувала 489 милиони евра, или 27,9 проценти изразена во долари. Со имплементација на договорот од Преспа, зачленувањето во НАТО и започнување на преговорите со ЕУ се очекува двојно зголемување на трговската размена, рече премиерот Заев нагласувајќи пред присутните бизнисмени  дека вториот дел од Договорот за решавање на македонско – грчкиот спор и стратешко партнерство, кој не е многу експониран во јавноста, определува интензивирање и збогатување на соработката помеѓу двете земји, што ќе обезбедува само бенефити за стопанствениците од двете земји.

-Од европските програми за финансиска поддршка на нашата земја 2014-2020 година годишно пристигаат 690 милиони евра, но, со отпочнувањето на преговорите со ЕУ овие грантови ќе се зголемат дури на 7 милијарди евра. Отутука и очекувањата, рече Заев, посебно во овој регион кој знае што значи европска поддршка, успешен референдум и заокружување на европско-атланското интегрирање на Република Македонија. Постоиме за граѓаните и за деловната заедница, но, истовремено очекуваме поддршка за да го заокружиме започнатиот процес во интерес на сегашните и идните генерации, им порача премиерот Зоран Заев на стопанствениците во Гевгелија. Притоа, изрази уверување дека мнозинството граѓани на 30 септември ќе гласаат за договорот и референдумот ќе биде успешен, но, и очекување дека во март во Грчкиот парламент договорот ќе биде ратификуван, така што веќе наесен 2019 година граѓаните ќе можат да ги почувствуваат директните бенефити. 

Амбасадорот на Република Грција Јанакакис се заблагодари на позитивните оценки на премиерот Заев за пограничната соработка меѓу Грција и Македонија, наведувајќи го како пример на добра соработка меѓу двете земји, пуштањето во употреба на пречистителната станица на отпадни води во Гевгелија. 

Грчкиот амбасадор нагласи дека грчкиот капитал е веќе присутен во нашата земја, а од друга страна над 1 милион наши граѓани патуваат во Грција и престојуваат во летувалиштата долж Егејското море. Притоа, изрази уверување дека заедничката соработка меѓу соседните земји Македонија и Грција уште повеќе ќе се интензивира откако ќе се реализира договорот, кој беше потпишан во Преспа.

На средбата со премиерот Заев, претприемачите разговараа за конкретни начини за поддршка на бизнис проекти и беше поздравена иницијативата за погранична соработка меѓу стопанствениците од Македонија и од Грција со цел размена на искуства и поттикнување взаемни инвестиции.

Истовремено, претставниците на деловната заедница изразија поддршка на реформските политики на Владата на РМ во областа на земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот.

Одговарајќи на повеќе прашања премиерот Зоран Заев упати апел до бизнисмените, до производствените компании, оние кои го прошируваат својот обем на работа и воведуваат иновативност, да конкурираат да добијат подршка од буџетот, за проекти во ТИР зоните, каде е предвидено ослободување на данок, односно да се заинтересираат за мерките кои Владата, кои ги презема да ги мотивира стопанствениците.

Како проект, кој ќе обезбеди дополнителна работа за приватните компании, премиерот Заев го спомена веќе потпишаниот договор со Грција за гасификација на цел југоисточен регион, како и средствата за прекугранична соработка обезбедени од ЕУ. Истовремено, најави реализација на проектот one stop shop и на македонско-грчката граница, измени во законот за градба, кој ќе биде пуштен во процедура на почетокот од октомври, конкретни мерки за фискална децентрализација на општините и многу други законски мерки кои ќе им го олеснат работењето на локалната и бизнис заедница.

Премиерот Заев повтори дека Македонија нема друга перспектива, освен зачленувањето во ЕУ и НАТО, акцентирајќи дека со отворањето на граничните премини на бизнисмените од регионот ќе им се отвори европскиот пазар на половина милион жители, што ќе обезбеди економски развој на државата и повисоки приходи за граѓаните, поголеми инвестиции и нови работни места.

 

БИЗНИС ПОНУДА

КУЛТУРА

ТУРИСТ ИНФО

АКТУЕЛНО

_____________________
 

НАРЕДНИ НАСТАНИ

_____________________