ДОБРОДОЈДОВТЕ ВО

ГРАД НА СОНЦЕТО,
ТРАДИЦИЈАТА
И СРЕЌАТА!



Please update your Flash Player to view content.

СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГЕВГЕЛИЈА

Денот на ослободувањето на Гевгелија - 7 Ноември во Гевгелија беше одбележан со Свечена академија, на која обраќање имаше градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.

 

-Пред една година стапив на функцијата градоначалник на општина Гевгелија. Моите заложби уште на почетокот беа да работиме на тоа да ја направиме Гевгелија европска, модерна и зелена општина во која подобро и просперитетно ќе живееме. Досегашното искуство покажа дека ваквата визијата вродува со плод, рече во своето обраќање Поцков.

Изминатава една година беше година на консолидација- како финансиска, така и кадровска консолидација на општината. Ова беше година на првична санација и на довршување на претходно започнатото. Како што веќе знаете, наследивме општина со долг од над 143 милиони денари кон доверителите од стопанството и со кредити во износ од 2 милиони евра. Во изминатава една година успеавме со домаќинско и одговорно работење финансиски да ја консолидираме општината. Општината успеа во рок од една година кон доверителите да врати над 25 милиони денари, односно да санира 17% од долгот кон стопанството, притоа ги извршувавме нашите обврски кон граѓаните согласно нивните потреби и редовно ги подмирувавме сметките за тековните работи. Со гордост можам да кажам дека општина Гевгелија почнува да гради имиџ на сериозна општина која си ги извршува своите обврски и во која доверителите стекнуваат доверба.

-Изминатиов период работевме и на довршување на започнатите проекти. Кон крајот на месец септември ја предадовме во употреба Пречистителната станица за отпадни води; минатиот месец ја пуштивме во употреба и Новата градска депонија. Денес започнаа со работа и резервоарите од новиот Водоснабдителен систем. Со овие три капитални проекти ги решаваме некои од најголемите проблеми со кои се соочуваше градот. Гевгеличани сега можат да се пофалат дека отпадните води добиваат еколошки третман и дека не ја загадуваат животната средина. Со гордост можеме да кажеме и дека градот со помош на УНДП и Владата на Јапонија доби најсовремена депонија изградена по сите европски стандарди. А за само неколку недели, веднаш штом ќе завршат техничките подготовки и обуките на вработените, ќе можеме да се пофалиме дека го решивме и проблемот со водата за пиење.

Покрај ова, изминатиов период изградивме нови улици со вкупна површина од 3.082 метри квадратни и 487 метри должина. Бетониравме 4.632 метри квадратни кон помали улици и краци. Реконструиравме над 11.000 метри квадратни улична површина. За сево ова од општинскиот буџет издвоивме 14 милиони денари. Покрај тоа, изградивме и нови линии за улично осветлување и нов кабелски приклучен вод за водоснабдителниот систем, во вредност од 4.5 милиони денари.

Наскоро ќе отпочнеме и неколку нови проекти во соработка со Владата на Република Македонија и нашите партнери од Светска Банка и Европската Унија.Деновиве започнуваме со изградба на Стационар за бездомни животни во соработка со Владата и општините Валандово, Богданци и Дојран со што ќе обезбедиме начин за хуман третман на бездомните животни. Неодамна заврши и тендерот за доградба на нови 14 училници во Средното општинско училиште Јосиф Јосифовски, а објавен е и тендерот за регулација на дел од коритото на Сува река. Очекуваме дека на пролет ќе започнат градежните активности и во догледно време ќе се реализираат овие проекти со што од една страна Средното училиште ќе добие можност за поефикасно работење и заштеда на енергија, а од друга страна со регулацијата на коритото на Сува река граѓаните кои живеат во јужниот дел од градот ќе имаат поголема безбедност во случај на надоаѓање на водите.  До крајот на годината ќе заврши и уредувањето на рекреативниот центар Динќут.

-Покрај ова, наскоро очекуваме да се активира и грантот кој го добивме од германската Ка Еф Ве Банка во износ од 2 милиони евра. Тие пари ќе бидат инвестирани во обезбедување водовод и канализација во населбата Караорман, населените места Негорци и Прдејци и Индустриската зона близу Прдејци. Веќе се изготвени и чекаат реализација проектите за поставување на мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот во Гевгелија и водата во реката Вардар. Работиме и на тоа да ги ревитализираме бунарите кај Моин со поставување на деарсенификатор со што Гевгелија секогаш ќе има доволно количество здрава вода за пиење. Иако ветивме изградба на нова детска градинка во северниот дел од градот, сепак поради сложеноста на постапката за донесување на деталниот урбанистички план се одлучивме на поедноставно и побрзо решение па затоа ќе работиме на доградба и надградба на неколку дополнителни училници во веќе постојните објекти на детската градинка ,,Детска радост’’.

Очекуваме во најбрзо време да започне реконструкцијата на регионалниот пат Гевгелија- Негорци во должина од 5 километри; а за догодина е договорена и реконструкцијата на регионалниот пат Гевгелија-Богданци-Фурка, рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, презентирајќи ги активностите во изминатиот едногодишен период од својот мандат.

Нашето општество минува низ сериозни, длабоки и коренити промени. Доаѓа времето кога нашата земја и нашиот град со право ќе го носат атрибутот ,,европски’’. И ве уверувам дека Реформи се видливи и препознаени. Неслучајно последниов период се карактеризира со зачестени посети на нашата општина од странски и домашни инвеститори кои се заинтересирани да го вложат својот капитал и да отворат нови работни места токму во нашиот град и во нашата општина.Бидејќи сите ние споделуваме една иста цел- Гевгелија како европски, модерен и развиен град. Сите ние- и политичари и бизнисмени, службеници и работници, уметници и спортисти- имаме обврска овој бренд да го изградиме и да го унапредиме. Тоа е единствената трајна инвестиција за нашата иднина, за иднината на нашите деца и идните поколенија, рече на крајот градоначалчникот Поцков.

 На академијата им беа доделени признанија и таблети на учениците-првенци во генерацијата во учебвната 2017/2018 година:МИМА ФИЛОВА, ученичка на IV година во СОУ„Јосиф Јосифовски“, а сега веќе студент, ВИКТОРИЈА ПОПОВА, ученичка во IX одделение во ООУ„Владо Кантарџиев, ЈОВАН ПЕТРОВ, ученик во IX одделение во ООУ“Крсте Мисирков, НЕЛА НИКОЛОВА, ученичка во IX одделение во ООУ„Ристо Шуклев иТЕОДОРА НИКОЛОВСКА, ученичка во IX одделение во ООУ„Климент Охридски“, кои им ги врачи претседателот на Советот на општина Гевгелија Ташко Дојчинов. Додека пак постхумно признание му беше доделено на докторот специјалист и планинар Георги Петков, кој трагично загина годинава при искачувањето на Монт Еверест. Признанието со грбот на општина Гевгелија на сестрата на покојниот Георги Петков и го врачи градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.

Академијата беше збогатена со настапот на Гудачкиот квинтет на Пламенка Трајковска.

БИЗНИС ПОНУДА

КУЛТУРА

ТУРИСТ ИНФО

АКТУЕЛНО

_____________________
 

НАРЕДНИ НАСТАНИ

_____________________