Урбанизација
Во општина Гевгелија во моментот во постапка се дури 10 урбанистички планови за урбанизација на најатрактивните стопански локации и урбани зони.

Станува збор, велат во Одделението за
урбанизам, за четири урбанистички планови за урбанистичките блокови 5 и 7 во
Гевгелија, кои опфаќаат над 20 хектари.
Овие урбанистички блокови се наменети за домување, комерцијални објекти, спорт
и рекреација, хортикултурно уредување и за сообраќајници.
Посебно значајни за развојот на Гевгелија се долго очекуваните измени и дополнувања на ДУП за центарот на градот со опфат од 11,5 хектари, чие донесување досега беше пречка за развој на централното градско подрачје. Измените се готови, ДУП-от наскоро ќе влезе во процедура и како нацрт ќе се најде пред Советот на општина Гевгелија. Не помалку значаен е и ДУП за поранешна Касарна, каде што на 6, 8 хектари предвидени се локации за идниот Факултет за туризам, за колективни станбени блокови и спортско-рекреативен центар.
На првата наредна седница на
Советот на општината треба да се најде и урбанистичкиот план за просторот од 43
хектари, на западната страна од автопатот Е-75, кај Милци, наменет за
повеќенаменски комплекс. Овде треба да никнат трговски центри,
туристичко-угостителски капацитети, мали комерцијални и деловни објекти, како и
површини за спорт и рекреација. Во постапка е и урбанистичкиот план за просторот крај автопатот Е-75, од мостот на
Вардар, па се до граничниот премин кај Богородица, кој опфаќа 130 хектари
наменети за труситичко-угостителски и трговски комплекси.Урбанистичкиот план за
месноста Долна корија, крај патот Гевгелија-Негорци, наспроти Негорските бањи,
каде што на 30 хектари се предвидени хотелско-угостителски, здравно-рекреативни
и објекти за рекреација, исто така, по повторената јавна расправа е пред
донесување. Додека пак во постапка е донесувањето на урбанистичкиот план за Прдејци, каде што треба да биде
лоцирана идната Агроберза.









Прочитајте го