Советот на Општина Гевгелија, на вчерашната 49. седница донесе повеќе одлуки и решенија. Во составот на Советот ( мандат 2021-2025 година), за нов член е именуван Ангел Јованов од советничката листа на ОО СДСМ Гевгелија за Локалните избори 2021 година. Имено, именувањето на новиот член е врз основа на поднесена оставка на членот на Советот, Александар Пандовски, од лични причини.
Советот на Општина Гевгелија го усвои Елаборатот за процена на штета од природна непогода- невреме проследено со дожд и град што ги зафати населените места: Гевгелија, Милетково, Миравци, Габрово и Петрово на 2 јули 2024 година. Притоа, донесе заклучок, Општина Гевгелија да го достави Елаборатот до: Републичката комисија за процена и утврдување на висината на штетата настаната од природни непогоди и други несреќи, Влада на Република Македонија, Министерство за финансии и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Исто така, донесе Одлука новото градско пазарште да се даде на трајно користење на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија.
И годинава, Советот на Општина Гевгелија донесе Одлука за доделување 5 стипендии на студенти во прва година, запишани на Медицинските факултети во државата- отсек Општа медицина, во академската 2024-2025 година. Членовите на Советот ги утврдија предлозите од Комисијата за доделување на Општинската награда „7 Ноември“, односно нејзините добитници. Оваа награда ќе се додели во вид на една плакета за животно дело, три златни и три сребрени плакети.
Од областа на урбанизмот, беа донесени повеќе Одлуки за донесување урбанистички проекти со план за парцелација и прифаќање иницијативи за изработка на урбанистички проекти, како и Одлука за определување широчина на крајбрежен појас на водотеци кои поминуваат низ населеното место Миравци, Општина Гевгелија.
На 49. седница, беше разрешен стар и именуван нов член на Управниот одбор на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија од редот на стручните работници, а Советот беше информиран за состојбата со заштита на животна средина и дивите депонии на подрачјето на Општина Гевгелија и каналите за одведување на урбаните отпадни води во населеното место Негорци.