На 31 октомври 2025 година, во Малата сала на Народниот театар во Гевгелија, се одржа 1. конститутивна седница на новоизбраниот Совет на Општина Гевгелија. Седницата ја отвори највозрасниот член, д-р Елена Хаџи-Николова и со неа заседаваше сè до изборот на новиот претседател на Советот на Општина Гевгелија. По однос на првата точка, Комисијата за прашања на верификација на мандати, предводена од Георге Петков, утврди дека нема пречки за работа на новоформираниот состав. По што, членовите на Советот дадоа свечена изјава.
За точка 2 од дневниот ред, беа предложени два кандидата за претседател на Советот. Димитар Вегов, во име на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, ја предложи Анета Стамкова, додека Николчо Петров од Левица го предложи Михаил Тодоров. Двата кандидати ги прифатија номинациите, а со мнозинство гласови, за претседател беше избрана Анета Стамкова, која продолжи да ја води седницата.
– Најпрво, од мое име да му го честитам реизборот на градоначалникот Андон Сарамандов и да го честитам изборот за членови на Советот на Општина Гевгелија во наредниот мандат. Благодарност за довербата и честа што ми ја укажавте со изборот за претседател на Советот. Нашата цел е заедничка- да работиме транспарентно, конструктивно и во интерес на граѓаните. Очекувам сите да го почитуваме и доследно следиме Деловникот за работа и позитивните законски прописи кои важат во Република Македонија, да ја негуваме демократската расправа и да овозможиме конструктивен напредок за нашата Гевгелија. А верувам дека женската енергија носена од мене, како претседател на Совет, може да придонесе во тоа. Верувам дека со меѓусебна почит, партнерство и ангажираност ќе успееме да реализираме значајни проекти и да обезбедиме стабилен и одржлив развој на општина Гевгелија. Ви благодарам- истакна претседателот Анета, пред да продолжи со работа по наредните точки од дневниот ред.
На 1. конститутивна седница на Советот на Општина Гевгелија беа именувани претседателите и членовите на сите постојани комисии, со цел непречено и конструктивно функционирање во новиот мандат. Во Комисија за прашања и избори и именувања за претседател е избран Георги Петков, а за членови: Димитар Вегов, Борче Стојков, Ѓорге Попов и Каранфилка Алчинова. Комисијата за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина ќе ја предводи Игор Илков, а членови се: Зоран Димитров, Павлина Минова- Ичева, Борче Нечевски и Каранфилка Алчинова. Во Комисијата за финансирање, буџет и локален економски развој претседател е Димитар Вегов, со членови: Борче Стојков, Надица Ристовски, Михаил Тодоров и Елизабета Сивова. Комисијата за статут и прописи ја предводи Николчо Петров, а членови се: Елизабета Сивова, Надица Ристовски, Ѓорге Попов и Игор Илков.
Додека, Комисијата за здравствена и социјална заштита и заштита на децата ја води Зоран Димитров, а членови се: Елена Хаџи-Николова, Сара Маркова, Михаил Тодоров и Александар Киров. Претседател на Комисијата за образование, култура и спорт е Павлина Минова- Ичева, а членови се: Димитар Вегов, Георги Петков, Борче Нечевски и Цветан Нелоски. Комисијата за функционирање на системот на локалната самоуправа ја предводи Ѓорге Попов, со членови: Борче Стојков, Зоран Димитров, Николчо Петров и Александар Киров, додека Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ја води Елена Хаџи-Николова, а членови се: Сара Маркова, Надица Ристовски, Николчо Петров и Елизабета Сивова. Со формирањето на овие комисии, Советот на Општина Гевгелија ја започнува својата работа со целосно верификувани мандати и воспоставени работни тела, подготвен да носи одлуки во интерес на граѓаните и развојот на општината.
На првата (конститутивна) седница, присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој им го честиташе мандатот на новите членови на Советот и накратко им ги претстави неговите приоритети во наредниот период. Истовремено, им порача дека работата на Советот е од исклучително значење за развојот и напредокот на една општина, и одговор на барањата и потребите на граѓаните.
Имено, Советот на Општина Гевгелија брои 12 мажи и 7 жени. Од вкупно 8 претседатела на Комисиите, 2 се жени. Останатите 4 жени учествуваат во работата на Комисиите, како членови. Додека, изборот на претседател на Советот дополнително ја истакнува важноста на жените и нивното активно учество во носењето одлуки на локално ниво.








