На 23 мај, во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ беше промовиран романот „Бела Сама“ од Виолета Танчева Златева. Во хотел „Аполонија“- Гевгелија, книжевниот настан го отвори директорот на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, Стефан Марковски, додека за критичкиот осврт на романот излагаше Александра Јуруковска. Промоторката зборуваше за некои од клучните пунктови на романот, анализирајќи ја обратната паралела помеѓу двигателката на неговото дејство, Бела Самакоска и ликот Моно Самоников од познатиот истоимен роман на Д. Солев од 1964 година.
Романот, чијашто приказна навлегува и обработува повеќе важни теми за сегашноста, особено за светот кој е дел од животот на современата жена, е втор роман за возрасни на Танчева-Златева, после „Враќања“ (1993), а авторката препознава континуитет во поглед на јазичните постапки помеѓу двете дела.
Покрај пишувањето романи, Виолета Танчева-Златева е авторка и на повеќе збирки поезија, збирки раскази и литература за деца, а е составувач и на антологијата „Антологија на копнежот“ (2024).
Избрани извадоци од романот читаше Снежана Стојчевска, а настанот беше збогатен со музичкиот настап на Филип Хаџикојчев и Илија Караџов. Организатор на промоцијата е ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија.




















