Ликовната изложба со промоцијата на Монографијата „70 години ликовно творештво“ на гевгелискиот уметник и долгогодишен наставник, Борис Петров, ја одбележа манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Голем број посетители, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, каде беше одржан овој настан, на 24 мај 2025 година, му оддадоа почит за неговото творештво и придонес во македонската уметност.
Настанот претставуваше кулминација на долгогодишната работа и креативен опус на Борис Петров, кој со своето сликарство остави длабок белег во ликовната сцена не само за Гевгелија, туку и пошироко. Изложбата, досега, е и најголемата по обем што се реализирала воопшто во Гевгелија, зашто во „Аполонија“ беа изложени 100 негови дела во мал и голем формат. Монографијата „70 години ликовно творештво“ претставува значаен документ за уметничкиот пат на Петров, содржи богат визуелен и текстуален материјал за неговите најзначајни дела, стилски еволуции, реализирани изложби, лични размисли за уметноста, како и сведоштва и записи за неговото влијание во уметноста. Настанот се одвиваше во свечена и топла атмосфера, со обраќања на претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Ѓорге Попов; археологот и кустос советник, Бобан Хусеновски и историчар на уметноста, Климе Коробар, кои ја нагласија посветеноста, оригиналност и долгогодишен придонес на Петров во културниот развој на регионот.
Академскиот сликар Борис Петров е роден во Гевгелија, во 1935 година. Сликарство завршил во Училиштето за применета уметност во Скопје, во класата на Лазар Личеновски, и Педагошка академија, отсек Сликарство во Скопје. По враќањето во Гевгелија, кратко време работи како наставник по ликовно воспитување во Валандово, а од 1958 година работи како ликовен педагог во ОУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, сè до своето пензионирање. Член е на ДЛУМ од 1969 година и важи за мајстор на македонскиот топол колорит, а неговата инспирација е поднебјето под кое живее и твори. Својата прва самостојна изложба ја имал во Гевгелија во 1959 година. Во неговото 70-годишно ликовно творење има одржано бројни самостојни и групни изложби во земјата и во странство. И во својата 90 година сè уште твори и учествува на ликовни и културни манифестации.

























