Советот на Општина Гевгелија, на последната 7. седница, ги усвои Завршната сметка на Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година и Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година, за период 01.01.2025 – 31.12.2025 година (кумулатив). Исто така, беше усвоен и звештајот за работењето на Општина Гевгелија во 2025 година. Во текот на минатата година, вкупно реализираните приходи на Буџетот на Општина Гевгелија изнесуваат 832.166.000 денари или 95,18 % од планираниот буџет во вкупен износ од 874.274.098 денари. Даночните приходи, во износ од 260.748.647 денари, се натфрлени за 133,05%, додека остварени се 97,14% кај капиталните приходи, во износ од 27.459.443 денари. Неданочните приходи, во износ од 316.527.168 денари, се остварени со 63,35%, приходите од трансфери и донации, во износ од 527.430.742 денари, се реализирани со 84,35%.
Приходите на Основниот буџет се реализирани во висина од 453.262.087 денари или 97,37% од планираните приходи, во висина од 465.482.424 денари. Извори на приходи на Основниот буџет се даночните приходи- 260.748.647 денари, неданочни приходи- 3.950.981 денар, капиталните приходи- 27.459.443 денари и трансфери и донаци- 161.103.016 денари. Вкупно реализираните расходи на Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година во висина од 821.033.977 денари изнесуваат 93,91% од вкупно планираните расходи, односно 874.098 денари. Реализацијата на капиталните расходи во вкупниот буџет учествува со 217.435.330 денари или 26,48%, Значајно е да се одбележи дека реализираните капитални расходи на Основниот буџет во висина од 206.009.046 денари, во споредба со планираните 215.854.118 денари, учествуваат со 95,43%. Тоа, несомнено, ја потврдува развојната компонента на инвестиционите активности, реализирани во текот на минатата година.
Осврнувајќи се на високиот степен на реализација на буџетот, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, потенцираше дека во 2025 година Гевгелија е од четирите општини во Македонија со над 95% реализација на буџетот. И дека во континуитет веќе неколку години по ред го задржува високиот процент на реализирани приходи и расходи.
– Овој резултат е показател за одговорното работење и посветеноста во спроведувањето на сите предвидени проекти и активности. Се надевам дека и во 2026 година ќе продолжиме со такво извршување, овозможувајќи реализација на тоа што ни е предвидено, со конкретни резултати што директно ќе се чувствуваат во секојдневието на граѓаните, нагласи Сарамандов.


