Во рамките на културната манифестација „Гевгелија град на културата за 2025 година“, вечерта на 3 јули 2025 година, платото пред Народниот театар беше исполнето со звуци на музика, аплаузи и емоции. Завршниот концерт на Секцијата за гитара при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија претставуваше врвно музичко доживување за сите присутни и ја претвори жешката летна гевгелиска вечер во незаборавна уметничка приказна.
На сцената настапија 15 млади музичари- ученици од Секцијата по гитара и бас-гитара, кои под водство на нивниот ментор и наставник Костадин Динев ја претставија својата годишна работа. Изминатата учебна година за нив била исполнета со посветеност, вежбање, учење и љубов кон музиката- сето тоа беше јасно видливо и слушливо во текот на концертот.
Публиката имаше можност да ужива во богат репертоар составен од инструментални изведби на гитара и бас-гитара, но и во звуци што дополнително го збогатија концертот- настап со ударен инструмент (тапан), како и вокална интерпретација на хитот „Пушти коси“ на гевгелиската рок-музичка група „Зијан“. Програмата беше внимателно избрана и прилагодена на возраста и музичкото ниво на учениците, но истовремено и доволно разновидна за да го задржи интересот на публиката. Од нежни мелодии до ритмички и динамични композиции од станска и домашна музика, секој настап беше ново музичко патување, кое ги прикажа различните аспекти од нивниот талент.
Концертот, освен што беше уметничка презентација на нивното знаење, претставуваше и увертира во идните потенцијали на овие деца- некои можеби идни музичари, наставници, композитори. Пионерски дом, преку работата на оваа Секција, уште еднаш потврди дека е столб во културниот и образовен развој на младите во Гевгелија.
Концертот не беше само крај на една успешна година туку и почеток на нова мотивација и инспирација- за децата, за нивните родители, наставници, но и за целата заедница. Публиката си замина исполнета со позитивна енергија, гордост и восхит од она што го видоа и слушнаа, а тоа беше доказ дека во Гевгелија растат вистински таленти, кои вреди да се поддржуваат и негуваат.






















