На 10 јуни 2025 година, платото пред Народниот театар во Гевгелија се претвори во отворена сцена, на којашто младешкиот жар приреди вистински музички спектакл. Завршниот концерт на Секцијата по тапани при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија привлече бројна публика која со воодушевување и гордост ги проследи изведбите на младите тапанари.
Под менторство на музичкиот педагог Момчило Делев, дванаесет талентирани деца: Елена, Софија, Арда, Парис, Благој, Јани, Ристе, Ана, Александар, Даниел, Димитар и Теодора се претставија со индивидуални и групни изведби, владеејќи ја сцената со сигурност и самодоверба. Репертоарот вклучи хитови од: System of a Down, Nirvana, Imagine Dragons, OneRepublic, Survivor, Bruno Mars, AC/DC, Mаneskin и Coldplay- музика што го раздвижи присутното мноштво во топлата јунска ноќ. Со Концертот беше заокружена успешната учебна година на Секцијата и уште еднаш беше потврдена високата уметничка вредност на настаните во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Овој настан јасно го искажа значењето на уметничкиот развој на младите како клучен дел од културната мисија на градот, мисија која со секој нов настан добива нова димензија, ја гради иднината на локалната уметничка сцена и е инспиративен поттик за нови генерации музички таленти.




