Фестивалот „Вкуси го југот“ што ќе се одржи од 12 до 14 септември 2025 година, на близина на новиот Градски пазар во Гевгелија, ќе донесе богата музичка, културна и гастрономска програма.
На 12 септември (петок), свеченото отворање започнува со настапите на КУД „Танец“ од Миравци, младите таленти Емилија Николовска и Димитар Ангoв, ансамблот „Гевгелиски мелос“, групата „Љубојна“, бендот „Ranta Rei“ и пејачката Дани. Во рамките на гастрономскиот дел, ќе се одржи традиционалното правење ајвар.
На 13 септември (сабота), програмата продолжува со настап на членовите на Школата за тапани при Пионерски дом- Гевгелија, по што ќе следува концертот на Детскиот фестивал „Калинка“. Љубителите на фолклорот ќе уживаат во настапите на ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија и гостинскиот ансамбл „Лисински“ од Винковци, Хрватска. Вечерта е резервирана за богата музичка програма со настапи на Оливера Станковска, Филип Ангoв, Антониа Гиговска, Андријана Јаневска и Огнен Здравковски. Во истиот ден, во соработка со Здружението „ТеРа“- Гевгелија, ќе се одржи традиционалната „Смоквијада“ со варење слатко од смокви.
На 14 септември (недела), за фестивалската атмосфера ќе се погрижат: Секцијата за гитара при Пионерскиот дом во Гевгелија, Танцовото студио „Мистик“, како и КУД „Браќа Толеви“ од Прдејци и „Негорци“ од Негорци. Настанот ќе продолжи со настапи на групата „Хитс“, Young Dadi, Дарко Гроздановски, а големото финале е со концертот на легендарната македонска поп-рок група „Меморија“. Гастрономската програма ќе биде збогатена со традиционалното печење мастика.
Во текот на трите дена, познатите конзервни индустрии ќе се претстават со богата понуда на свои производи, додека локалните ресторани и кафулиња, со препознатливото гостопримство, ќе се погрижат за сите посетители и гости, чие присуство се очекува во голем број.
Годинешното 3. издание на “Taste the south” e дел од настаните кога градот го носи епитетот „град на културата“ и претставува уште едно културно патување каде што музиката, уметноста и традицијата се спојуваат и ја претставуваат нашата земја во најсветло издание. Како што приличи на еден град на култура, градот на музиката, градот на љубовта кон животот.

















