Изградбата на улицата „Св. Климент Охридски“, позната како Западен булевар, влегува во својата завршна фаза, информираше градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, по направениот увид во градежните зафати. Со финиширањето на Проектот, кој се реализира во неколку етапи поради неговата комплексност и обем, се очекува значително да се подобри сообраќајниот проток во градот, особено во зоната околу ООУ „Крсте Мисирков“, каде честопати се создаваше метеж од товарен сообраќај.
Во тек се финалните градежни активности, меѓу кои и поставување на горниот асфалтен AБ слој. Паралелно со тоа започна и имплементацијата на сообраќајниот проект- предвидена е инсталација на комплетна хоризонтална и вертикална сигнализација, која ќе овозможи безбеден и ефикасен сообраќаен режим на новата сообраќајница.
– Со нетрпение го очекувам комплетирањето на овој, за мене мошне значаен и приоритетен проект. Изградбата на оваа обиколница не само што носи развој, туку и решава долгогодишен сообраќаен проблем со движењето на товарни возила во близина на Училиштето- истакна градоначалникот Сарамандов.





















