Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид во градежните активности за изградба на улицата „Новопланирана 7“ во Урбан блок 3, која претставува продолжување на улицата „Гоце Делчев“ и ќе овозможи директно поврзување со улицата „7 Ноември“ во близина на ЈПКД „Комуналец“ и Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип. По завршувањето на Локалните избори 2025 година, Општина Гевгелија веднаш започна со реализaција на овој зафат за подобрување на патната инфраструктура.
Проектот е од особено сообраќајно значење за градот, со којшто се овозможува подобра поврзаност и побезбедно одвивање на сообраќајот во овој дел на Гевгелија, каде што се наоѓаат неколку јавни установи- училиште, болница и детска градинка.
Активностите опфаќаат изградба на современа улица со двонасочно одвивање на сообраќајот и пешачка патека, како и изградба на нова атмосферска канализација, со што трајно ќе се реши проблемот со атмосферските води на улиците „Гоце Делчев“ и „Новопланирана 7“.
– Старата и тесна патека, наскоро ќе прерасне во модерна и функционална улица со двонасочно сообраќање и пешачка патека. Секоја активност е дел од поголемата слика за Гевгелија како модерен, уреден и поврзан град кој постојано се развива и расте- истакна градоначалникот Сарамандов.




















