Со Свечена академија, на којашто присуствуваа и ја проследија градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; членови на Советот на Општина Гевгелија; локални и државни функционери, просветни работници и голем број граѓани, ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија ја одбележа својата 80-годишна воспитно-образовна дејност. За Патрониот празник и 80 години настава на македонски јазик, наставниците со своите ученици подготвија богата културно-уметничка програма, насловена „Времеплов“. Со настап на хорот, изведба на драмолетки, рецитации и танци, поколенијата на Владо Кантарџиев запловија низ 8 десетлетија, прикажувајќи им на присутните во Народниот театар- Гевгелија воспитно-образовен процес од традиционалниот до современиот начин на настава, а сето тоа зачинето со високоуметничка вредност.
Пред почетокот на културно-уметничката програма, пред присутните се обрати директорката на Училиштето, Ружица Икономова. Во својот говор, истакна:
– Осум децении! Време исполнето со посветеност, истрајност и успеси. Нашето училиште ја започнало својата приказна во времиња на предизвици, но со неизмерен ентузијазам и визија за иднината.
Првите учители пред осум децении го посејаа семето на еден нов воспитно-образовен процес, кога македонската азбука и правопис сè уште не беа кодифицирани, за денес таа нива да раѓа плодови на знаење, култура и напредок. Во текот на овие 80 години, нашето училиште претрпело многу промени, но неговата основна мисија остана иста: да ги едуцира и инспирира младите, да создава нови генерации со силни вредности и да биде потпора на секој ученик во неговиот пат кон успехот. Ме радува што денес гледам толку многу насмеани лица – сегашни и поранешни ученици, наставници, пријатели на нашето училиште и претставници од заедницата. Сите вие сте дел од оваа приказна.
Вашиот труд, поддршка и љубов го направија нашето училиште она што е денес. На овој значаен јубилеј, сакам да изразам длабока почит и благодарност до сите кои оставија свој белег во историјата на нашето училиште – до сите поранешни директори, наставници, ученици и вработени кои поминале низ овие училници. Вашиот придонес никогаш нема да биде заборавен.
Ќе продолжиме заедно – со гордост за нашето минато, со посветеност за нашата сегашнот, и со визија за нашата иднина, да вложуваме во знаење, вредности и заедништво, и да го чуваме пламенот на образованието уште многу генерации.
На поединци- помагатели на Училиштето, на учениците кои постигнале високи достигнувања и резултати претставувајќи го Училиштето со нивните наставници-ментори во учебната 2023/2024 година, како и на Елизабета Инадевска Ефремова, прогласена за најдобар наставник, им беа врачени плакети од страна на директорката. Покрај Свечената академија, јубилејот беше одбележан и со полагање цвеќе пред спомен-обележјето на Владо Кантарџиев во училишниот двор и спортски игри.
Имено, ООУ „Владо Кантарџиев“ е основано 1944 година, веднаш по ослободувањето на градот Гевгелија. Во тоа време е првата и единствена воспитно-образовна институција во градот Гевгелија и околината.