Во рамките на годинешната манифестација „Гевгелија град на културата“, на 5 јуни, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, свечено беше одбележана 80-годишнината од официјалното озаконување на македонскиот правопис – еден од темелите на националниот културен и јазичен идентитет. Настанот се одржа во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, со учество на истакнати личности од академската и културната сцена. За историскиот контекст и значењето на овој повеќеслоен процес говореа проф. д-р Димитар Пандев од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“- Скопје и публицистот и автор Мишо Китаноски.
Во своето излагање, Китаноски се осврна на историјата на македонската азбука, придонесот на Блаже Конески, улогата на АСНОМ и поширокиот контекст во кој се формирал современиот македонски јазик. Преку богат опис на настани и личности, тој го претстави патот на македонскиот правопис како суштински дел од националната еманципација.
Професорот Пандев, пак, се фокусираше на дејците кои учествувале во јазичните комисии, акцентирајќи ја нивната значајна улога во кодификацијата на Правописот. Тој особено ги истакна имињата на: Блаже Конески, Крум Тошев, Ѓорѓи Киселинов, Крсте П. Мисирков, како и други културни творци како Илија Топаловски, Иван Мазов, Владо Малески и Киро Хаџивасилев. Во своето излагање Пандев ја нагласи структуралната логика на македонската азбука и нејзината врска со звучните и безвучните согласки, како и улогата на списанието „Нов ден“ во развојот на јазичната мисла.
Посебна атмосфера на свечениот настан му дадоа учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, кои читаа избрани творби од значајни македонски автори. Меѓу нив беа: Елена Анчева, Ѓорѓе Чанов, Ангела Самарџиева, Ана Стојковска, Анамарија Ристова, Марјан Стојковски и Снежана Малева, под менторство на проф. Жаклина Атанасова. Особено внимание привлече есејот на ученичката Тијана Атанасова, добитничка на Првата награда на Конкурс на МОН, со тема „Мојот македонски јазик, мој идентитет, културно наследство и аманет“, под менторство на проф. Александра Ќаева.
Настанот го отвори директорот на Библиотеката, Стефан Марковски, додека модераторската улога ја имаше Стефчо Стефанов. Музичка поддршка обезбеди Влатко Иљачев- Валдера. Овој културен собир уште еднаш ја потврди важноста на јазикот како носител на идентитетот, историјата и културното наследство на македонскиот народ.




















