Средношколците од гевгелиската Гимназија „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија заедно со своите професори престојуваат во посета на ЈУ Средно училиште „Јабланица“ во збратимената Општина Јабланица, Босна и Херцеговина. Посетата се остварува во рамки на програмата за размена на РИКО-Супер училиште, а гевгелиското средно училиште е дел од 90 средни училишта во Западен Балкан, каде што се спроведува оваа програма. СОУ „Јосиф Јосифовски“ за партнерско училиште го избра Средното училиште во Јабланица, каде што 12 средношколци од Гевгелија и двајца професори разменуваат искуства за време на седумдневниот престој во Јабланица.
Во рамки на посетата, гевгелиските средношколци заедно со своите врсници од ЈУ Средното училиште „Јабланица“ и наставници остварија средба со градоначалникот на општина Јабланица, Емир Муратовиќ. На средбата беше разговарано на повеќе теми, како предностите за соработка на двете збратимени општини, прашања што ги засегаат младите во денешното општество, a стана збор и за трагедијата којашто ја погоди Општина Јабланица. Градоначалникот Муратовиќ ја нагласи важноста на континуираната соработка помеѓу Општините Гевгеија и Јабланица и значајноста на поврзувањето на младите преку образовните и културните проекти, каква што е и програмата РИКО-Супер училиште. Исто така, изрази благодарност за посетата, надевајќи се дека оваа средба дополнително ќе ги зацврсти пријателските односи помеѓу двете општини.
Инаку, РИКО програмата се реализира преку регионалните размени на 90 избрани училишта во Западен Балкан со над 1.300 ученици, а истовременио и со примена на различни можности за градење на капацитети за 90 наставници. Од избраните супер-училишта 16 доаѓаат од Албанија, 16 од Босна и Херцеговина, 5 од Црна Гора, 8 од Косово, 15 од Македонија и 30 од Србија. Секое партнерско училиште организира една размена на посета на училиштата, кое трае до 7 дена, со група до 17 ученици и 2 наставници. Средношколците од Јабланица се очекува во Гевгелија да пристигнат по еден месец, а покрај размената на посети, секое училиште организира локални активности за споделување на искуствата и придобивките од ваквите проекти, важноста на неформалното образование, младинскиот активизам и регионалната соработка.


