Гевгелија на 1 вечер пред Инклузивната трка, Детската трка и на 1 ден до Седмоноемвриската трка на 5 и 10 километри- „November Run 2025“ е подготвена да ја живее атлетиката. Овој викенд, градот ќе биде исполнет со спортска енергија, каде низ улиците ќе поминат вкупно 3.000 учесници- 800 на детските трки, 900 на инклузивната трка „Run together“ и 1.300 атлетичари на главната трка. Спортскиот настан, којшто ќе го доживее своето 5. Јубилејно издание, во организација на Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, има рекордна меѓународна посетеност, со учесници од: Македонија, Грција, Бугарија, Косово, Србија, Албанија, Хрватска, Босна, Турција, Финска, Португалија, Германија, Кенија и Мароко.
Инклузивната трка, што ја организира Фондацијата „Ице Бегов“ – Скопје во соработка со АК „7 Ноември“- Гевгелија, ќе се одржи на 15 ноември (сабота), започнувајќи во 12:30 часот, по што следуваат детските трки од 13:30 до 15:00 часот. Главната трка е закажана за 16 ноември (недела), со старт во 10:00 часот.
Поради одржувањето на настанот, на 15 ноември, од 12:00 до 16:00 часот ќе бидат затворени улиците: „7 Ноември“ (од Аманот до „Кит-го“), „Димитар Влахов“ (до раскрсницата со улица „Ристо Фаршинин“), „Ристо Фаршинин“, „Скопска“ и „Гевгелиски партизански одреди“.
На 16 ноември, од 09:00 до 11:30 часот ќе бидат затворени улиците: „7 Ноември“ (од кружен тек- Алатница- „Кит-го“), „Ристо Фаршинин“, „Мирче Ацев“, „Таља Бикова“, „Слободан Митров Данко“ (од раскрсницата кај „Тајм аут“ до кружниот тек кај Полицијата), булевар „Гевгелија“, „Миле Пецанов“, „Деко Ковачев“ (од „Џуми“ до улица „Караорман“) и „Радован Ковачевиќ“.
Организаторите и Општина Гевгелија упатуваат апел до граѓаните да не ги оставаат своите возила на наведените улици, со цел безбедно и непречено одвивање на трките, заблагодарувајќи им се на сите жители за разбирањето и соработката. Настанот е финансиски поддржан од Општина Гевгелија, преку Програмата за спортски активности во општина Гевгелија за 2025 година.






