На 3 декември 2025 година, во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија, беше свечено отворена изложбата „Жанр сцени“, која претставува внимателно одбран избор на значајни дела од богатата колекција на НУ Национална галерија на Република Македонија. Како дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Посетителите имаа можност да се запознаат со дела од врвни автори што ја одбележале македонската ликовна историја и оставиле длабока трага во нејзиниот развој. Меѓу нив се најдоа „Работници“ од Димче Протуѓер, „Жетвари“ од Томо Владимирски, „Другарчиња со петел“ од Никола Мартиноски, како и други значајни творби од: Борко Лазески, Стојан Aралица, Љубомир Белогаски, Димитар Андонов Папрадишки, Лазар Личеноски, Омер Мујаџиќ, Богољуб Ивковиќ, Василије Поповиќ Цицо, Димитар Аврамовски Пандилов, Надежда Петровиќ и Омер Мујаџиќ. Поставката го опфаќа богатството на жанр-сцената, мотив кој со децении го документира секојдневието, народните обичаи и живописните моменти од различни општествени слоеви.
На отворањето, кураторката на изложбата и кустос-советник во Национална галерија, Елена Георгиевска Илиева, упати обемно образложение за значењето на тематиката и за процесот на селекција, при што истакна:
„Жанр сцените се континуирана и неисцрпна тема присутна низ сите периоди во историјата на уметноста, но актуелна и од денешен аспект. Како ликовна тема, при дефинирањето на концептот на ова изложба, мотивот жанр сцена беше појдовна точка во селекцијата на делата од фундусот на Националната галерија. Морам да забележам дека ова не беше лесна задача со оглед на изобилството од дела кои ја третираат оваа тематика, па конкретно за ова преставување пред гевгелиската публика се одлучив за дела кои го илустрираат пред се творештвото на македонските и од поранешните југословенски простори, автори од најстарата генерација. Националната галерија, покрај својата богата и вредна колекција, континуирано настојува да ја остварува својата афирмација и промоција и пошироко пред јавноста, со цел поголема достапност и развој на ликовната култура.“
Мирјана Крстева Массетти, директорка на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и Александар Каракабаков, кустос-советник и историчар на уметноста ја истакнаа важноста од соработката со националните институции, која овозможува културните вредности од државниот фонд да станат достапни до поширока публика и да создадат нови можности за културно поврзување, за што изразија благодарност до директорот на НУ Галерија на Република Македонија, Али Синани, за соработката во рамки на „Гевгелија град на култура за 2025 година“.
Поставката привлече интерес кај гевгелиската јавност, која во значителен број присуствуваше на отворањето. Како заклучок, изложбата „Жанр сцени“ претставува не само ликовен пресек на различни периоди и автори, туку и силна потврда за улогата на уметноста како сведоштво за живењето, идентитетот и емоцијата на едно општество. Таа го збогатува културниот живот на Гевгелија, го поттикнува дијалогот меѓу традицијата и современоста и ја нагласува потребата од континуирана поддршка, зачувување и промоција на македонската ликовна оставнина. Градот уште еднаш се потврди како простор што ја негува традицијата, ја почитува уметноста и ја отвора сцената за врвни културни содржини.

























