На 10 мај 2025 година, Општинската организација на Црвен крст на Гевгелија беше домаќин на Регионалниот натпревар по прва помош, на темата „Прва помош во училишна средина“. На овој натпревар, кој за првпат, се одржа во Гевгелија, учествуваа екипи од ООЦК во Регион 1.
Поздравни обраќања имаа генералниот секретар на Црвен крст на Република Македонија, д-р Саит Саити и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
– Денес, за првпат, Општина Гевгелија и Општинската организација на Црвен крст Гевгелија сме домаќини на Регионалниот натпревар по прва помош. Овој настан е многу повеќе од обично натпреварување – тој е доказ за посветеноста, знаењето и хуманоста на младите луѓе кои се подготвени да помогнат во најтешките моменти. Горди сме што нашиот град е центар на ваква значајна активност, која го промовира волонтерството, солидарноста и градењето на побезбедна и похумана заедница. Честитки за целокупната организација и честитки до Општинската организација на Црвен крст Гевгелија за нивниот труд и ентузијазам- истакна градоначалникот Сарамандов.
Црвениот крст на Република Северна Македонија продолжува да игра клучна улога во промовирањето на првата помош, особено во образовните институции, преку едукација и практична обука на младите генерации. Натпреварите од ваков тип не само што придонесуваат за развој на практични вештини кај младите, туку и ја поттикнуваат свеста за важноста од брза и правилна реакција при итни состојби.









































