И годинава, спортско-рекреативната манифестација „Гевгелија на точак“, во организација на ЗГ „Чејнџмејкерс“ и „Гевгелија Точак Клуб“ од Гевгелија привлече голем број учесници. Над 1000 учесника на различна возраст- од младо до старо продефилираа низ улиците во Гевгелија со возење велосипед, со што се одбележа 5. јубилеј од одржувањето на настанот, а во знак на одбележување на Општинскиот празник- 7 Ноември.
Притоа, по дефилето, на Градскиот плоштад, беше одржан натпреварувачкиот дел од настанот во соработка со Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, односно бавно возење. Голем интерес за учество на овој натпревар пројавија учениците од гевгелиските училишта, а најдобар во бавното возење беше Александар Грујиќ од Гевгелија, за што беше награден со велосипед. Додека, на малите им беше овозможено да ја искажат својата творечка креативност со цртање.
На годинешната манифестација, присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој го изрази своето задоволство од организацијата на настанот.
– Во релаксирана атмосфера, со возење и дружење, гевгеличани покажаа дека Гевгелија има спортски дух. После одржувањето на четвртото издание на трката “November Run” градот ја продолжи спортската атмосфера со одржување на ,,Гевгелија на точак”. Ми беше чест да присуствувам на петтото издание на „Гевгелија на точак“, спортска манифестација, којашто од година во година расте и прерасна во традиционален настан во нашиот град. На настанот учество зазедоа и децата од основните училишта во градот. Важно е младите да бидат вклучени во вакви настани, за стекнување правилни животни навики. Менувањето на секојдневните навики во поглед на изнаоѓање нови алтернативи за извршување на секојдневните активности, има големо значење за идните генерации и воопшто за зачувување на животната средина, истакна Сарамандов.
Исто така, упати честитки до организаторите од Здруженијата на граѓани „Чејнџмејкерс“ и „Гевгелија Точак Клуб“, како и до сите ентузијасти, кои дадоа се од себе годинешното издание на оваа спортска манифестација да биде успешно организирано и да привлече голем број учесници.