Низ окото на Здружението на граѓани „Од станица до граница“, со видеорепортажи беше претставена Гевгелија. На 29 мај 2025 година, во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, во присуство на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и голем број присутни граѓани, беа промовирани документарни филмови под насловот „Моја Гевгелија“, посветени на културното и архитектонско наследство на градот. Настанот, во рамки на програмата за „Гевгелија град на култура“ и одбележувањето на Спасовден, беше организиран од страна на Здружението на граѓани „Од станица до граница“, а зад креативната реализација стојат авторите Тони Аврамов и Васко Трајков.
Преку видеорепортажите присутните имаа можност да ја проследат визуелната хроника на некои од најзначајните монументални градби и објекти во Гевгелија, но и да ја почувствуваат живата меморија на познатата гевгелиска улица- „Од станица до граница“. И, тоа на: гевгелискиот Амам и Старата чаршија, Национална установа Музеј и археолошкиот локалитет „Вардарски Рид“, манастирот „Свети Спас“ и црквата „Свети Кирил и Методиј“ и Библиотеката „Гоце Делчев“.
Проектот, поддржан од Општина Гевгелија преку годинешниот Самостоен повик за финансирање проекти на невладини организации, претставува уникатна иницијатива за дигитална афирмација на локалната историја, урбаното наследство и колективната меморија на Гевгелија. Документарните филмови не само што го архивираат минатото туку и го претставуваат во современ контекст како ресурс за развој на туризмот- потсетник на богатството што Гевгелија го носи во своето културно ткиво. Со оваа премиера, како и видеата коишто ќе останат трајно сведоштво, Гевгелија доби уште една платформа за афирмација на своето духовно, културно и урбано богатство- приказна испреплетена со слики, зборови и емоции.





















