Филмската реконструкција „Лазаренки- реликвија на етничкиот предел Бојмија“, во продукција на Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и под покровителство на Општина Гевгелија, освои „Гран при“- главната награда на 54. Државен фестивал за непрофесионален филм на Македонија (ДФНФ 2025), кој се одржа од 17 до 18 октомври во кино-салата во Виница. Авторската екипа се закити и со специјална награда за камера, која му беше доделена на Васко Трајков, што го потврдува високиот уметнички и технички квалитет на овој проект.
Фестивалот, во организација на Кино сојуз на Македонија и Народна техника на Македонија, со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Општина Виница и градоначалникот Миле Петков, а во домаќинство на Домот на култура „Тошо Арсов“, годинава собра 41 аматерски филм во повеќе категории: документарен, краток игран, експериментален, анимиран и едноминутен филм. Од вкупниот број пријавени, 12 филмови беа наградени со златни, сребрени плакети и „Гран при“ награда.
Етнокореолошката дејност при Домот на култура „Македонија“ учествуваше со два филма- документарниот „Лазаренки“ и експерименталниот арт-филм „Огледало“, при што токму „Лазаренки“ се издвои како еден од најуспешните проекти на Фестивалот. Со добиената „Гран при“ награда, филмската реконструкција „Лазаренки“ е номинирана да ја претставува Македонија на Меѓународниот фестивал за аматерски филм УНИКА 2026, што ќе се одржи во Логано, Швајцарија.
Значајно е да се одбележи дека и СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија постигна исклучителен успех на истиот фестивал. Училиштето учествуваше со три филма создадени во рамките на Erasmus+ проектот CLOSE – Inclusive Learning Environments and Social-Emotional Learning through Cinema (н°2022-1-IT02-KA220-SCH-000087041) и во конкуренција од 41 филм освои повеќе високи признанија. Првото место и златен медал му припадна на филмот „Кога гневот нема да стивне“, под менторство на професорите Даниела Џишева, Тони Аврамов и Маја Проданова, при што истиот филм доби и златен медал за најдобра режија. Трето место и бронзен медал освои филмот „Мишко, Ленче и пријателите“, под менторство на Даниела Џишева и Тони Аврамов, а второ место и сребрен медал во категоријата експериментален филм беше доделено на филмот „Стоп“, под менторство на професорот Стефче Стефанов.
Проектот CLOSE го промовира филмот и аудиовизуелното раскажување како педагошки јазик за развој на емоционалната интелигенција, емпатијата и инклузивните вредности кај учениците и наставниците, преку создавање на Кинокит (Kinokit) и Цинемалабс (CinemaLabs)- иновативни образовни алатки за учење преку искуство и соработка.
Овој проект е кофинансиран од програмата Erasmus+ на Европската Унија.
Ставовите и мислењата изразени овде се на авторите и не ги одразуваат ставовите на Европската Унија или на Европската агенција за образование и култура (EACEA).










