Гевгелија и годинава со Атлетската трка November run,
во организација на Атлетскиот клуб „7 Ноември“, покажа и докажа дека е способна да биде успешен домаќин и организатор на светски спортски настан. За фактот дека од година во година оваа трка добива се поголемо реноме, зборува бројот на учесници – 2.300 вљубеници и истакнати спортисти во атлетиката од Македонија и 15 земји кои трчаа по гевгелиските улици, на трките на 5 и 10 км., детските трки и за првпат организираната инклузивната трка „Трчањето не познава граници“ и лиценцираната патека од Светската Атлетска федерација . Но, и признанијата од легендарниот македонски олимпиец, Шабан Трстена, кој беше специјален гостин на November run, како и од домашните и странски учесници, кои не го криеја своето задоволство од добрата организација и успешноста на настанот со објави и коментари на социјалните мрежи.
Имено, на двете трки на 5 и 10 км., во машка и женска конкуренција учествуваа 1.100 натпреварувачи, меѓу кои и 60 натпреварвачи од 16 странски земји. Дарио Ивановски од Скопје со време 30,16 минути и Греса Бакраги од Косово со време 34,54 минути на 10 километри први пристигнаа на целта и освоија златни медали и златни пехари на 3. маратон November run Gevgelija 2023. Времето на Дарио Ивановски воедно беше и нов рекорд на трката на 10 километри, којашто се бодуваше за Државното првенство на долги патеки во Македонија. Второто место во трката на 10 километри го освои Урош Гутиќ од АК „Борац“од Бања Лука БИХ, а трет се пласира Мохамед Чабот од Мароко, кој две години го освојува Маратонот во Софија, Бугарија. Второпласирана во трката на 10 километри беше Адријана Поп Арсова од АК „Делта“ и трета на целта пристигна Теа Божиновска од АК „Охрид Трчат“ од Охрид. На трката на 5 километри во машка конкуренција, прв беше Муџахид Мислими од „Ускана“ Кичево, втор Гилман Јунузи, а трет Димитриос Ардалис од Грција. Кај жените прва е Анастасиа Пејчева од СЦ Хермес 2023, втора Радица Јованова од Триологи Актив Тим, а трета Тамара Попов од „Атомик“.
На Детските трки во три возрасни категории во машка и женска кокуренција, на кои учество земаа 1126 учесници- во категоријата родени од 2010 до 2012 година, триумфираа Давид Петров и Варвара Атанасовска од АК „Делта“ кај девојчињата), од 2013 до 2016 победници се Максим Ангов и Клара Дуева и двајцата од АК „7 Ноември“ од Гевгелија и во категоријата родени во 2017 година и помлади- Борис Николов и Јоана Петкова од АК „Делта“ од Скопје.
Најголеми победници беа лицата со попреченост од сите градови во државата кои заедно со сите останати учесници беа дел од инклузивната трка „Трчањето не познава граници“, којашто ја организираа Фондацијата „Ице Бегов“ во соработка со АК „7 Ноември“ со цел подигање на свеста за потребите на лицата со посебни потреби, а којашто е прва во Македонија. Организаторите не го криеја своето задоволство што Гевгелија ги руши сите рекорди и докажа дека бариери и предрасуди нема. Имено, Шабан Трстена во своето обраќање особено ја истакна организацијата на оваа трка.
– Немам зборови кои можам да ви ги доловам моментите како олимписки шампион, во моите емоции почувствував многу љубов, почит и восхит на првата инклузивна трка во Македонија – „Трчаме заедно“ која во организација на Атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија и Фондацијата „Ице Бегов“ се одржа во рамките на атлетската манифестација November run 2023 во Гевгелија. Што да кажам друго освен дека сум воодушевен, треба да знаеме дека секој не добива иста шанса на овој свет да биде голем спортист, но секој добива шанса да даде придонес во својот живот, да се бори, колку и да изгледа тешко. А овие деца кои денес трчаа и истрчаа, од кои некои немале среќа да бидат како и сите други деца, за мене и за секој друг се вистински шампиони. Тие се борат со многу поголеми проблеми и тешкотии во својот секојдневен живот, а пак докажуваат дека со многу напор, волја и труд успеваат да го постигнат целта. Браво, деца, вие сте пример за многу возрасни како тие треба да се борат во својот живот, да бидат добри и успешни луѓе. Сакам да им честитам на организаторите за успешно одржаната трка, посебно на Драган Ристов и Елена Бегова. Ако до денес некои ја знаеја Гевгелија како град со многу казина, денес нашиот град на југот на Македонија беше град во кој многу млади деца истрчаа многу важна трка во својот живот.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, задоволен од организацијата на спортскиот настан, истакна:
– Градот полн со луѓе, децата радосни и насмеани, угостителските објекти полни, сместувачките капацитети без ни едно место, со еден збор, денешниот настан беше полн погодок за нашиот град! Секоја чест на Атлетскиот клуб „7 Ноември”, којшто буквално даде се од себе за настанпт да помине во најдобар ред. Со над 2.000 натпреварувачи од земјата и странство, како и над 550 учесници на детската и инклузивна трка, настанот го зазема местото на најмасовен спортски настан во 2023 година. Годинава, се одржа и првата инклузивна трка „Run together”, под покровителство на Фондацијата „Ице Бегов“. Ме радува тоа што бевме добри домаќини и покажавме дека нашиот град има огромен туристички потенцијал и спортски дух. Како Градоначалник, уште на почетокот го препознав ентузијазмот на луѓето кои денес дадоа се од себе и затоа мојата поддршка е безрезервна како голем вљубеник во спортот.