На 1 декември 2025, Народниот театар- Гевгелија беше местото каде што вистинските човечки приказни се ставија пред рефлекторите и каде публиката доживеа вечер што ретко се гледа на сцена. Документарната вербатим претстава „8%?“, продукција на АТО Центар- Битола, донесе силна, вознемирувачка и исклучително хумана перспектива на теми што често се туркаат во маргините на општеството. Ова беше претстава што не се гледа, туку се доживува. На сцената се слушаа вистински лица, со вистински гласови и свои лични приказни- луѓе кои секојдневно се соочуваат со дискриминација, институционална неправда, живот со ретки болести, попреченост и со бариери што повеќето никогаш не ги забележуваат.
Актерскиот ансамбл- Марија Стефановска, Наталија Ристевска, Соња Михајлова, Никола Пројчевски и Петар Горко, чија актерска игра беше беспрекорна, го играа системот. Бирократијата, затворените врати, тешките процедури, административните ќор-сокаци, формалностите без душа- сето тоа доби човечки лик пред публиката. Актерите ја изведоа токму онаа сила која најчесто им стои на пат на овие луѓе, симболично претставувајќи ја борбата меѓу индивидуата и механизмите што ја гушат. За семејното насилство – болка што премногу често останува зад затворени врати. Меѓу темите што ја потресоа публиката беше и семејното насилство – слушано директно од жени кои преживеале долги години молк, страв и институционално чекање. Овој сегмент од претставата особено силно кореспондираше со тековниот период на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, потсетувајќи дека овие приказни не се статистика, туку реални животи кои продолжуваат да страдаат зад затворени врати.
Публиката занеме. Тежината на зборовите висеше во воздухот како нешто што сите го знаат, но ретко зборуваат за него. По завршувањето на претставата, на сцената се искачи лице со оштетен вид, чија лична приказна беше дел од делото. Неговиот апел беше прост, моќен и неисцрпно човечки: „Не бараме сожалување. Бараме еднаквост, пристапност и право на достоинствен живот. Не сакаме да сме невидливи.“
Салата стана на нозе. Овации. Неколкуминутен аплауз што звучеше како заеднички одговор на длабока неправда.
Претставата е авторско дело на Јован Ристовски, со ко-авторка Весна Куслеска. Текстот и сценската структура произлегуваат директно од теренското истражување спроведено во 2023 година. Костимографијата е на Марта Дојчиновска, драматуршката обработка на Билјана Крајчевска, шминка- Стефанија Илиевски, светло- Никола Горгиевски, сценска техника- Горан Јованов, координација- Александра Десковска. Учествуваат и Ивана Атанасоска, Весна Софронијевска и Биљана Тодоровска.
Претставата, поддржана од GIZ Skopje, беше изведена како дел од програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија. „8%?“ не беше обично културно случување. Таа беше огледало поставено пред цела заедница, потсетник дека вистинските приказни заслужуваат видливост, а човечноста- простор да проговори.









































