„ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ ВО ОПШТИНА ГЕВГЕЛИЈА
Општина Гевгелија беше дел од големата пролетна акција „Генералка викенд“, во соработка со МЕН ЕНД МАУНТЕН, креатор и организатор на Проектот „Зелена Сончева“. Акцијата, која прераснува во традиција, оваа година беше спроведена со поддршка од Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање, како и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
На 17 мај 20225 година, со акцијата беа исчистени повеќе локации во општината, во која учествуваа вработените во Општина Гевгелија и членови на Планинарското друштво „Кожуф“, ОО Црвен крст- Гевгелија и Здружението на граѓани „Гевгелија Точак Клуб“.
Претходно, во рамките на оваа акција, сите основни училишта од општина Гевгелија, како и СОУ „Јосиф Јосифовски“, се вклучија во реализацијата на активноста „Еко час“ на ниво на целата држава што се одржа на 9 мај 2025 година. Целта беше преку практична работа на терен да се поттикне еколошка свест и да се поврзе наставната содржина со грижа за животната средина.
„Генералка викенд“ и годинава го покажа својот полн ефект – обединувајќи институции, ученици, граѓани и организации во една заедничка цел: почиста и поодржлива животна средина.
















