Утре (22 мај 2025 година), во хотел „Аполонија“, со почеток од 20:00 часот, ќе се одржи Годишниот концерт на Музичкиот оддел при ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија.
Овој настан претставува кулминација на трудот и ангажманот на учениците и нивните ментори, и е една од најзначајните активности што го одбележуваат крајот на учебната 2024/2025 година. На концертот ќе настапат учениците кои се школуваат во класите на наставниците по пијано, виолина, флејта и кларинет, при што ќе ја демонстрираат својата музичка зрелост, техничка подготвеност и уметничка изразност стекната преку целогодишна работа.
Годишниот концерт на Музичкиот оддел при ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија е дел од програмата за мај за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.

