По повод Неделата на детето, во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, на 6 октомври 2025 година, се одржа Ликовната работилница на тема „Боите на среќата“, како дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Под менторство на м-р по уметности и раководител на Ликовната секција при ЈОУ Пионерски дом, Александар Јанев, ученици од ООУ „Крсте Мисирков“ и ООУ „Владо Кантарџиев“ ги претворија своите детски мисли во шарени приказни. Со голема љубопитност и креативност, децата преку бојата зборуваа за среќата- како ја чувствуваат, каде ја наоѓаат и што за нив значи таа. Нацртаните слики, едноставни и искрени, ја пренесоа детската визија за радоста, пријателството и љубовта кон светот. Преку своите творби, најмладите потсетија дека среќата често се крие во наједноставните нешта- во насмевка, во игра, во моментот што ги спојува луѓето.
Со оваа работилница симболично беше означен почетокот на активностите во рамки на Неделата на детето- недела посветена на детската имагинација, играта и безгрижноста, во која уметноста стана најубавиот јазик на радоста.
Оваа активност има особено значење во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, бидејќи ги вклучува најмладите како рамноправни учесници во културниот живот на градот и ја нагласува важноста на детските права- правото на изразување, игра, учество и креативност. Преку уметничкото создавање, децата имаат можност да ја искажат својата визија за светот, да учат преку искуство и да се чувствуваат вреднувани и слушнати. Нивната креативност гради чувство на припадност кон заедницата и ја поттикнува љубовта кон уметноста уште од најрана возраст. Детските работилници се темел на културната иднина- тие го спојуваат воспитно-образовниот процес со културните вредности и потсетуваат дека културата не започнува во галериите, туку во детската игра, во фантазијата и во искрената желба за создавање.





