На Илија Атанасов од Гевгелија, м-р по музичка уметност и диригент на Градскиот хор „Гортинија“- Гевгелија му се додели Седмоноемвриската награда во вид на Сребрена плакета за активно придонесување во развојот на хорското пеење. И заслугата како диригент на Градскиот хор „Гортинија“, којшто освојува голем број награди и признанија на домашните и странските хорски фестивали. Притоа, е музички педагог и работи и со Средношколскиот хор при СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија и диригент на Градскиот детски хор „Божилак“, всадувајќи им ја љубовта на децата уште од мали нозе хорското пеење и музика.
На Димитар Димитровски- Моте му се додели Седмоноемвриската награда во вид на Сребрена плакета за неговиот значаен придонес во афирмацијата на спортот со организацијата на Купот на Македонија во кошарка и претставувањето на Гевгелија како град- добар домаќин на значајни спортски награди. Исто така, е заслужен и за градењето млади кошаркари и репрезентативци, како актуелен спортски директор на КК „Кожув“. Притоа, целиот свој живот го посветил на кошарката, а го внел КК „Кожув“ во Првата македонска лига.
На Tони Аврамов, професор по македонски јазик и литература, новинар, културен работник и граѓански активист му се додели Седмоноемвриската награда во вид на Сребрена плакета за промоцијата на Општина Гевгелија во сите општествени сфери на живеење со неговите новинарски статии, видеозаписи, емисии за Гевгелија и Гевгелиско и интервјуа со гевгелиски истакнати личности. Основач е на Медиумскиот клуб „Јоска“ во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, со којшто постигнува одлични резултати, за што како ментор добива Награда и признание за одлична продукција на видеозапис на Фестивал во Њујорк, САД. Долгогодишен соработник е во организацијата на традиционалниот фестивал „Смоквијада “, традиционалната манифестација „За тебе, љубов моја“ и други значајни културно-уметнички манифестации. Како писател, активно ја збогатува роднокрајната детска литература со драми.
На Никола Гелебешев му се додели постхумно Седмоноемвриската награда во вид на Златна плакета, којашто ја прими неговиот син Костадин Гелебешев, за значајни постигнувања од областа на споротот и посебен придонес за афирмација на Општина Гевгелија преку неговото име и презиме. Никола Гелебешев, е најпознато фудбалско име и голмански репрезент на Гевгелиската фудбалска школа. Долгогодишен фудбалер, кој стоеше меѓу стативите на три фудбалски клуба „Кожув“ од Гевгелија, МИК (сегашно Скопје) и Работнички, но со посебно место и придонес во гевгелиската и македонската фудбалска историја. Неговите постигања редовно беа застапени во написите на „Нова Македонија“ и „Вечер“ за натпреварите од Македонската фудбалска лига. Но, и за придонесот за влегувањето на Фудбалскиот клуб „Кожув“ во Првата македонска лига. Покрај тоа, е познат и како тренер на Фудбалската академија во Гевгелија, формирана по иницијатива на Германската амбасада. Повеќе од 10 години, своето искуство го пренесуваше на генерации и генерации и калеше млади вљубеници во фудбалот. Од неодамна, во негова чест, се одржува Меморијалниот турнир во мал фудбал, организиран од Здружението на граѓани Навивачка група „Фантоми Север“- Гевгелија, а неговите ученици, поделени во две екипи, во слава на својот тренер играа ревијален натпревар, одбележувајќи го почетокот на Турнирот.
На Сашко Олумчев, д-р специјалист епидемилог и раководител на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија му се додели Седмоноемврикста награда во вид на Златна плакета за придонес во справување со Корона виросот и соодветната грижа за здравствената состојба на граѓаните. Уште повеќе, со постојана едукација на граѓаните и превентивна активност, укажувајќи им за опасноста и сериозноста на вирусот. Неговиот ангажман како епидемиолог и здравствен работник е добар пример за улогата и важноста на здравствените работници во услови на светска пандемија. Активно учествуваше и придонесуваше во работата на Општинскиот кризен штаб, на Општина Гевгелија, при донесувањето на локални мерки за заштита и спречување на Коронавирусот. Како професионалец и епидемиолог имаше несебично залагање во сузбивањето на заразните болести, како и значаен придонес за време на мигрантската криза што ја зафати Гевгелија.
На Глигор Гелебешев, м-р по музичка уметност, врвен соло-пијанист и камерен музичар, со богата историја на настапи на домашната и светската музичка сцена, му се додели Седмоноемвриската награда во вид на Златна плакета како организатор на традиционалниот Меѓународен натпревар на млади пијанисти. По негова заслуга, Општина Гевгелија се вбројува во ретките градови во државата како домаќин на младите и талентирани пијанисти од земјава и регионот. Тој не само што ја афирмира Општина Гевгелија на полето Музичко образование и воспитание туку придонесува и за развојот на културниот туризам и мултикултурализам со гостувањата на ученици, кои се образуваат по пијано и нивните ментори од различни земји. Во триесетгодишна професорска кариера, бележи голем број успеси со своите ученици на домашни и меѓународни натпревари, а поради својата успешна работа, честопати е член во жиријата, во земјава и странство. Со своите солистички пијано настапи или дуо концерти, Гелебешев е редовен гостин во Гевгелија и го збогатува развојот на музичката култура.
На Саве Паноров, д-р специјалист по хирургија му се додели Седномоемвриската награда за животно дело за совесно и достоинствено врешење на својата 40-годишна професија, грижејќи се за дравјето на своите сограѓани и други пациенти. Д-р Савко Паноров, согласно свечено прифатената Хипократова заклетва, повикувајќи се на својата чест и призврзаност кон луѓето, се обврзал својот живот да го стави во служба на хуманоста. Под негово раководство, Одделот за хирургија во Гевгелија стана препознатлива респектабилна хирушка служба во Македонија, со над 600 операции годишно, на пациенти од целиот регион, вклучително со Кавадарци, Неготино, Демир Капија и пошироко.