Гевгелиското архиерејско намесништво достојно го одбележа Патрониот празник на црквата „Св. Кирил и Методиј“ и Денот на сесловенските просветители со богата дводневна програма, исполнета со духовни и културно-уметнички содржини.
Чествувањето започна на 23 мај 2025 година, со служење на Акатист кон Светите браќа Кирил и Методиј со петолебие. Во дворот на храмот, се одржа културно-уметничка програма, со настапи на: вокалната група „Распеани гевгеличани“, Ансамблот за народни игри и песни „Бојмија“, Балетската група „Дива“ и Мандолинскиот оркестар „Полифонија“. Настапите ја збогатија духовната атмосфера и беа топло поздравени од публиката. Централните настани се одржаа на 24 мај 2025 година. Денот започна со Празнична утрена, по што следеше Светата Божествена литургија, со благословување на кумските колачи и осветување на вода. Потоа, низ улиците на Гевгелија се одржа свечена Празнична литија со изнесување на иконата „Богородица- цвет кој не венее“, која собра голем број граѓани и верници. На Литијата, присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Чествувањето заврши со настап на Ансамбл „Македонија“ во дворот на црквата.


































