Интерпретирајќи го старото минато, но во допир со
актуелното- модерното, учениците, подготвени од своите наставници, по повод 100 години од раѓањето на Патронот, Владо Кантарџиев, им понудија на сите генерации присутни на Свечената академија, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, богата мултимедијална културно-уметничка програма. Од изведба на училишната химна, рецитирање револуционерна и патриотска поезија, народна песна, до партизански современ танц за да го прикажат ликот и делото на Кантарџиев, под мотото: „Аманет- завет- бесмртност.
Свечената академија ја отвори директорката на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Ружица Икономова, која се обрати кон присутните.
– „Ќе не има ли да речеме тогаш кога ќе не нема“, се прашува поетот Гане Тодоровски. А јас сега се прашувам „Ќе не има ли тогаш кога ќе не нема? Ако не има токму сега кога треба да не има?“ A, не има. Еве сме затоа што Тој, момчето Владо, борецот Владо, синот Владо, беше- за и сега да го има. Неговиот живот не застана на 20 години, не на 50, еве не застана ни на 100. Затоа што сме тука за да покажеме дека се уште го почитуваме неговиот аманет- да се сака и да се чува слободата на татковината. Тука сме да се заветиме дека ќе го продолжиме бидувањето на Македонија заради која Тој загина. А има ли подобар начин од тоа на еден ваков ден да наградиш и истакнеш Ученик на генерација, истакна Икономова, која и врачи Плакета на Лилјана Мајсторова, Првенката на генерација.