Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, извршија увид на изградената улица „Павел Шатев“ во Гевгелија. Имено, на оваа улица во станбената населба „Караорман“, во изминатиот период, беа изведени градежни активности за тампонирање и асфалтирање. Овој проект, односно изградбата на оваа улица во должина од 350 метри се реализира со средства од Министерството за локална самоуправа во висина од 4.000.000 денари, за што Општина Гевгелија аплицираше на јавен повик.
Според градоначалникот Сарамандов, изградбата на улицата „Павел Шатев“ е од големо значење за поврзување на жителите од урбаната населба „Караорман“. Притоа, истакна:
– Продолжуваме со реализирање на проекти кои се најзначајни и ќе го подобрат квалитетот на живеење. Граѓаните заслужуваат пристоен пристап до своите домови.