Заврши реконструкцијата на улицата „Атанас Ѓуров“ во населеното место Прдејци. Станува збор за зафат кој се однесува на влезната улица, на потегот од влезот на регионалниот пат до Младинскиот дом, во должина од 500 метри. Со тоа е исполнето уште едно барање на локалната заедница од страна на Општина Гевгелија- безбедно и современо решение кое ја подобрува сообраќајната инфраструктура и олеснително решение за извршување на секојдневните потреби на жителите.
Градежните активности опфатија поставување БНС асфалтен слој на долниот строј, нивелација на шахтите и завршно асфалтирање со асфалт-бетон.
Увид во завршениот проект направи градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Во својата објава на Фејсбук-страницата, со којашто го означи завршувањето на проектот, истакна:
– Денес, улицата има нов модерен лик и функционално сообраќајно решение за жителите на Прдејци. Продолжуваме со работа и вложување во градот и сите наши населени места.
























