На 30 септември 2025 година (вторник), со почеток во 19:00 часот, во просториите на Пионерскиот дом- Гевгелија, ќе се одржи детската театарска претстава „Волшебникот од Оз“, во форма на камишибаи театар. Претставата е во изведба на Драмската секција за деца при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија како последен настан во рамки на септемвриската програма од манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025“.
Станува збор за адаптација на познатата приказна која на креативен и едукативен начин им се приближува на најмладите гледачи. Камишибаи театарот, како форма на визуелно раскажување, овозможува уникатно доживување преку спој на илустрации, раскажување и драмска игра.
Настанот е наменет за деца од предучилишна и училишна возраст, но е отворен и за сите љубители на детската книжевност и алтернативниот театар. Присутните ќе имаат можност да уживаат во настапот на младите актери кои, заедно со својот ментор Катица Џишева Дупарова, посветено работеа на подготовката на оваа претстава.
Со овој културен настан се заокружува септемвриската програмска содржина, исполнета со настани насочени кон поттикнување на културното учество и ангажман на младите.
