Во чест на Мирче Костов, во Богородица, се одржа традиционалниот тридневен Меморијален турнир во мал фудбал. На двете тревни игралишта во спортскиот комплекс „Мирата“, се одиграа 42 утакмици, на коишто силите си ги одмерија 27 екипи во 4 генерациски категории од Гевгелија и другите општини: Богданци, Фурка, Дојран, Валандово, Струмица, Неготино и Скопје.
Имено, во категоријата 2015, екипата на „Кожуф“- Гевгелија го освои 1. место, „Победа“- Валандово второто, а третото „Фортуна 2009“- Скопје. Победници во категоријата 2014 се екипата „Фортуна 2009“- Скопје, а второ и треторангирани се „Победа“- Валандово и „Џокер“- Фурка. Првото место во категоријата 2013 го понесе „Фортуна 2009“- Скопје, на второто се рангираа „Кожуф“- Гевгелија, а на третото ГФК „Неготино. Додека, во категоријата 2012, први се „Џокер“- Фурка, а втори и трети екипите на Young boys од Неготино и „Беласица“- Струмица. За најдобрите беа обезбедни пехари, дипломи и награди.
Со одржувањето на годинашниот, Меморијалниот турнир во мал фудбал „Мирче Костов“ го доживеа 23. издание, во организација на Здружението на граѓани „Ангелов 2022“- Богородица. И овој спортски настан е дел од Програмата на Општина Гевгелија за финансирање на спортските активности за 2024 година.