Со свечена церемонија и доделување на пехари, дипломи и признанија за најуспешните екипи и поединци, заврши третото издание на Меморијалниот турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев 2025“. Годинашни победници по возрасни категории се: екипата „Ж.Ф. Стокол“ во генерацијата 2017, „Vibe Bar“ во генерацијата 2015/2016, „У 10“ во генерацијата 2013/2014, „КМХ Валандово“ во генерацијата 2011/2012 и „Автошкола Прима“ во генерацијата 2008/2010. На завршната церемонија присуствуваа градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, и синот на Никола Гелебешев, Костадин Гелебешев, кои имаа чест да ги доделат наградите на најуспешните екипи и поединци, истакнувајќи ја важноста на спортот како двигател на младинскиот развој. Покрај тимските награди, беа доделени и признанија за најдобар стрелец, најдобар голман и фер-плеј екипа.
По повод завршувањето на Турнирот, градоначалникот Сарамандов изјави:
– Спортска фудбалска приказна која започна со организација пред три години и предизвика огромен интерес и голем број млади таленти. Турнирот се организира во чест на гевгелиската фудбалска легенда Никола Гелебешев, кој зад себе има оставено траен белег во спортот. Со пријава на над 200 деца и 21 екипа, кои се натпреваруваа во вистински спортски дух, третото издание на меморијалниот турнир покажа дека од година во година интересот постојано расте. Голема благодарност до ентузијастите од навивачката група „Фантоми Север“, кои и годинава беа главни организатори на овој значаен спортски настан. Организирањето на вакви турнири има големо значење за вклучување на младите во спортот, а тоа за нас претставува доволен мотив да продолжиме со поддршка и создавање уште подобри услови за нивно развивање.
Имено, Турнирот се одржа во периодот од 10 до 24 јули 2025 година, на реконструираното мултифункционално игралиште кај ДТВ „Партизан“ – Гевгелија. Во него учествуваа 21 екипа со вкупно 200 деца од општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран, распоредени во пет возрасни категории. Натпреварите се одвиваа во исклучително спортски и фер-плеј дух, со многу енергија и поддршка од гледачите. Меморијалот започна со одигрување на ревијален натпревар во чест на Никола Гелебешев, во кој учествуваа поранешни играчи што низ годините имале можност да играат под негово менторство. Овој симболичен почеток постави емоционален тон за Турнирот, кој со текот на деновите израсна во вистински спортски празник за младите.
Меморијалниот турнир „Никола Гелебешев“ прераснува во еден од најзначајните спортски настани во општина Гевгелија. Тој не само што го негува споменот на истакнатата спортска фигура Никола Гелебешев туку и претставува платформа преку која младите добиваат простор за афирмација, здружување и личен развој преку спортот. Со поддршката од локалната самоуправа, спортските ентузијасти и пошироката заедница, Турнирот се развива како вистинска фудбалска традиција што продолжува да го збогатува спортскиот живот во регионот.
































































