Во населено место Милетково започна изградбата на нова фекална канализациона мрежа во вкупна должина од 1.344 метри. Овој проект, кој жителите го очекуваат со години, претставува значаен инфраструктурен зафат. Во рамки на посетата за увид во тековните градежни активности, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари разговор со жителите, слушајќи ги нивните потреби и забелешки поврзани со инфраструктурата и квалитетот на живот во населбата.
Проектот предвидува изградба на колекторски систем со шахти, цевководи и други приклучни елементи кои ќе го подобрат одводнувањето и ќе ја решат проблематиката поврзана со фекалната канализација во населеното место. Со реализацијата на овој проект, конечно ќе се затвори едно од најстарите и најзначајните прашања за развој на Милетково.
– Овој проект е уште еден силен доказ дека нашата заложба е детектирање и исполнување на барањата на граѓаните. Ова не е само техничко решение или уште еден инфраструктурен зафат, туку проект што ќе донесе достоинствени услови за живот и почиста, поздрава средина за сите жители на Милетково. Продолжуваме со работа, нови проекти и конкретни решенија што ќе значат подобар живот во градот и населените места- истакна Сарамандов.
























