На Градскиот плоштад, матурантите од гевгелиската Гимназија „Јосиф Јосифовски“ го одиграа матурскиот танц, т.н. „Квадрил“ што го подготвија со своите професори по Спорт. Голем број граѓани го проследија танцот, со којшто матурантите го означија крајот на последниот средношколски час и почетокот на новата етапа во нивниот живот.
Пред танцувањето, матурантите положија заклетва за ненасилство, а обраќање до нив имаше директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Александар Делиџаков, кој истакна:
– Гевгелија е горда на вас! Овој танц нека биде ваш и наш момент да блеснеме и да му се радуваме на сето она што го постигнавме заеднички, изминативе четири години. Ви посакувам лична среќа, успех во натамошното школување, храброст и остварување на сите желби и убави нешта во животот!
По повод матурскиот квадрил, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна:
– Секоја чест за сите кои дадоа свој придонес во организација на овој традицонален настан. Плоштадот беше полн со енергија на млади луѓе кои започнуваат ново поглавје во својот живот.
Во исто време, на иста музика, во различни градови танцувајќи нашите матуранти испратија порака за сплотеност – да владее мир наместо насилство.
Им посакувам сè најдобро во деновите кои го одбележуваат завршетокот на средношколските денови!