Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година, од вкупниот износ 839.325.393 денари, е зголемен за 23.016.155 денари. Со измените и дополнувањата, усвоени на последната 65. седница на Советот на Општина Гевгелија, вкупниот износ на Буџетот е утврден на 862.341.548 денари. Зголемувањето на Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година уследи по зголемувањето на приходите на Основниот буџет за 23.016.155 денари денари, преку трансфери од други нивоа на власт.Со измените и дополнувањата во Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година, капиталните приходи во вкупната структура учествуваат со 28.267.637 денари или 3,28%, додека капиталните расходи со 27,50% или 237.121.695 денари. Во Основниот буџет, капиталните расходи учествуваат со 211.755.476 денари или 46,46% што е показател за задржување на развојната компонента на Општина Гевгелија.
Во своето излагање за ребалансот на Буџетот, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов се осврна се осврна на престојниот значаен напредок во инфраструктурниот развој на општината, потенцирајќи ги проектите што се веќе одобрени и оние за кои е обезбедена финансиска поддршка.
– Пред нас е ребалансот на Буџетот на Општина Гевгелија, кој е резултат на зголемен обем на проекти и одобрени средства од Владата. На 2. Јавен повик за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти од Владата, Општина Гевгелија аплицираше со 9 проекта, од кои 8 се одобрени. Станува збор за изградба на атмосферска канализација на улиците „Ванчо Прке“ и „Петар Мусев“ во Гевгелија, изградба на улица и атмосферска канализациона мрежа „Новопланирана 7“ во Блок 3.1 (помеѓу ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија и старата алатницата до ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија), изградба на фекална канализација во населеното место Милетково, реконструкција на улицата „Маршал Тито“ од потегот на Библиотеката до Железничката станица, поставување урбана опрема и партерно уредување на парк кај булеварот, ревитализација на скада систем за мониторинг и управување на прочистителната станица во Гевгелија и изградба на атмосферска канализација на улицата „Кукушка“ во Гевгелија. Доколку се погледнат проектите, некаде половина од одобрените средства се за реконструкција на улицата „Маршал Тито“. Со реализацијата на проектите за изградба на атмосферската канализација, верувам дека во 2026 година, Гевгелија ќе биде 90% покриена и единствена општина во Македонија со функционален систем за одведување на атмосферските води. За проектот кој не е одобрен- изградба на прочистителна станица, ни е даден дополнителен рок, да се комплетира техничката документеција. На овој повик имавме можност да аплицираме некаде до 2.900.000 евра и сите ќе бидат реализирани, но покрај овие проекти аплициравме и со други на повиците од ресорните министерства, за кои ни се одобрени околу 40.000.000 денари, скоро 700.000 евра, надвор од овие средства од Владата. И тоа, од Министерството за локална самоуправа за изградба на индустриската улица „Аргир Манасиев“, од Министерството за транспорт и врски за изградба на атмосферска канализација на улицата „Скопска“, од Министерството за траспорт и врски за изградба на детско катче кај Старата Касарна, а на последната седница на Влада беа одобрени и проектите за изградба на три значајни улици во населените места Прдејци, Богородица и Моин, чии иницијативи се по барање на граѓаните. Во Прдејци ќе се реализира улицата „Атанас Ѓуров“ од Регионалниот пат до Младинскиот дом, во Моин главната улица, а во Богородица улицата „Иван Марков- Братот“- истакна Сарамандов.