Културниот живот во општина Гевгелија, минатата година, беше збогатен со бројни и разновидни културни манифестации. Со учество на голем број учесници од општината, земјата и странство, и што е најважно, на големо задоволство на публиката. За тоа најзаслужни се локалната самоуправа и локалните институции од областа на културата и образовните институции. Пред се, JОУ Дом на култура „Македонија“, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“, ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“ и ООМУ „Васо Карајанов“, коишто беа главните носители на културните збиднувања. Посебен поттик за богатиот културен живот даде финансиската поддршка на Општина Гевгелија преку Програмата за поддршка на културните настани и манифестации, предложени од институциите, поединци и здруженијата на граѓаните.
Во текот на 2023 година не изостанаа традиционалните културни манифестации „Спасовден“, „Распеана чаршија“, „Гевгелиско културно лето“, „Метрички карван“, „Месец на книгата“,„Априлијада“,„Фолклорен ѓердан“ и „Дедо Мраз пак кај нас“. Културните институции реализираа и повеќе активности и проекти во сопствена продукција или во соработка со други правни и физички лица, пред се, ликовни изложби, поетски и книжевни вечери, филмски проекции, театарски претстави, концерти, музички настани или пак програми за одбележувајње на значјни датуми и празници.
Публиката уживаше во богатата понуда на театарски претстави и филмски проекции. Гевгеличани имаат можност да ги проследат претставите од репертоарите на професионалните театри ширум државата и најновите филмови на македонската сцена. Исто така, согласно потребите на најмладите, беа организирани бројни детски претстави во сопствена продукција, како и гостувањата на театрите и здруженијата од земјата. Така, за одбележување се детските претстави од сопствена продукција на Драмска секција при ЈОУ Дом на култура „Македонија“ во Гевгелија, во којашто членуваат голем број дечиња од Гевгелија, на возраст од 6 до 14 години. Но, и концертите на формираните Секции за гитара и тапан при ЈОУ Дом на култура „Македонија“, во коишто членуваат голем број млади вљубеници за изучување на музички инструменти.
Посебен белег на минатогодишните културни настани им даде тридневниот Фестивал на храна и вино „Вкуси го југот“. Општина Гевгелија со овој фестивал сака да го поттикне културниот, но и туристичкиот развој на поднебјето, а истовремено да ги промовира локалната храна и вино. На Фестивалот настапија голем број уметници и артисти од општина Гевгелија и земјата, на задоволство на бројната публика. Значајно е што фестивалот „Вкуси го југот“ ги оправда очекувањата, со цел да прерасне во традиција. За почит е обновата на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка 2023“, со којшто Гевгелија се врати на листата со градови на брендирани детски музички фестивали.
Исто така, за развојот на културата во општина Гевгелија придонесоа и граѓанските организации, регистрирани за дејност култура, како и поединци, кои презентираа проекти, настани и активности од различни видови уметност. Станува збор за традиционалните манифестации – „Бош Фестивал“ во организација на Здружението „Арт Еквилибриум“, а во чест на прерано починатиот актер Бошко Бозаџиев од Гевгелија, поетско-музичката манифестација „За тебе љубов моја“, во организација на ЗГ „Од станица до граница“, Меѓународниот натпревар во пијано во организација на Глигор Гелебешев, како и одбележувањето на јубилеите и патронатите на гевгелиските образовни институции. Голем беше придонесот и на амбасадорите на фолкорот и традицијата, Ансамбл „Бојмија“, КУД „Танец“- Миравци, КУД „Негорци“- Негорци и КУД „Браќа Толеви“- Прдејци, како со своите концерти на домашната сцена, така и со гостувања во странство.
Богатиот културен живот во општина Гевгелија продолжува и годинава, а за таа цел Советот на Општина Гевгелија, преку Програмата за културни манифестации и настани, издвои 7.030.000 денари. Со обезбедената финансиска поддршка ќе бидат реализирани бројни традиционални, но и нови проекти на 52 институции, културни работници и здруженија на граѓани, кои аплицираа на јавниот конкурс за проекти и манифестации од областа на културата.