Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година од вкупниот износ 603.912.887 денари е зголемен за 49.801.384 денари. Со измените и дополнувањата, усвоени на вчерашната 42. седница на Советот на Општина Гевгелија, вкупниот износ на Буџетот е утврден на 653.714.271 денар. Зголемувањето на Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година се однесува на зголемување на приходите на Основниот буџет за 27.854.061 денари, од коишто дотации на Општината на приходи од ДДВ 14.379.000 денари, пренесени вишок приходи од претходната година 4.675.061 денар и зголемен приход за тековни трансфери од други нивоа на власт 8.800.000 денари. Буџетот на дотации се зголемува за 18.747.323 денари пренесени приходи од претходната година и буџетот на донации за 3.200.000 денари приходи од УНДП.
Овие средства во висина од 49.801.384 денари се пренесуваат на програми и ставки во Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година. Со измените и дополнувањата, во Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година, капиталните приходи во вкупната структура учествуваат со 32.794.794 или 5.02,%, додека капиталните расходи со 17,11% или 111.475.205 денари. Во Основниот буџет, капиталните расходи учествуваат со 92.044.081 денар или 30,85% што е показател за задржување на развојната компонента на Општина Гевгелија преку извршувањето на Општинскиот буџет за 2024 година.