На 9 октомври 2025 година, на сцената на Народниот театар во Гевгелија, дечињата од предучилишна возраст уживаа во претставата „Пипи Долгиот чорап“, во изведба на Весел театар- Прилеп. Гостувањето на претставата е дел од повеќедневните активности обединети во програмата „Јас сум дете- ги знам моите права“ во организација на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, коишто се реализираат во рамки на Детската недела и е составен дел од културната програма на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Преку ликовите од „Пипи Долгиот чорап“, актерите Гоце Илиески- Балада и Теона Богданоска директно ги вклучуваа децата во сцените, ги поттикнуваа да учествуваат, да реагираат, да одговараат прашања и да носат свои одлуки во текот на претставата. На овој начин, децата стануваа активни учесници, а не само пасивни набљудувачи. Покрај забавата, претставата пренесува важни пораки за искреното другарство, чесноста, почитта кон возрасните и убавините на детството и градинката. Оваа интерактивна форма на театар им помага на децата да ги разберат своите права, вклучувајќи го и правото на учество во културни и уметнички активности, и им овозможува да се чувствуваат значајни и слушнати.
Овој настан како дел од манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ има за цел да ја зајакне културната сцена на градот и да создаде интерактивен културен простор за сите генерации. Претставата „Пипи Долгиот чорап“ е пример како културата и уметноста можат да ги зближат децата со актерите, поттикнувајќи ги да учат, да се забавуваат и да развиваат љубов кон театарот и културата уште од најрана возраст.













