Во тек се градежни активности за изградба на патна инфраструктура во станбената населба во Урбан блок 4.4, во близина на детската градинка „Сончогледи“- Гевгелија. Се работи за пробивање и изградба на улица, околу којашто изминатите години во овој дел на градот се изградија повеќе објекти за индивидуално и станбено домување и живеат околу 2.500 луѓе.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со претставници на општинската администрација од Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина изврши увид во изведбените работи.
– Со пробивање и изградба на улиците, започнавме со решавање на инфраструктурните прашања со цел да им се обезбедат достојни услови за живот на граѓаните во градот и населените места. Изградбата на оваа улица била потребна многу порано поради тоа што малиот капацитет на примарната подземна инфраструктура доведува до секојдневни проблеми, истакна градоначалникот Сарамандов, најавувајќи дека во Блок 4.4 ќе започнат и градежни активности за нова фекална и атмосферска канализација, како и нова водоводна линија.