Започна изградбата на инклузивен парк за деца и лица со попреченост, донација од Фондацијата „Ице Бегов“- Гевгелија, во дворното место на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, извши увид во воведните работи за изградба на овој парк. Согласно основниот проект, којшто го обезбеди Општина Гевгелија, предвидено е опремување со реквизити и хортикултурно уредување на просторот, со цел овозможување еднаквост при неговото користење, задоволувајќи ги специфичните потреби на сите граѓани.
Градоначалникот Сарамандов, изрази благодарност до Фондација „Ице Бегов“- Скопје за нивната постојана општествено-социјална одговорност, важејќи за пример којшто треба да послужи за создавање квалитетни вредности. Впрочем, тоа се потврди и со потпишувањето Меморандум за соработка помеѓу Општина Гевгелија и Фондацијата „Ице Бегов“- Скопје за заемно вложување и подобрување на условите за задоволување на потребите на граѓаните во секојдневното живеење.
– Она што досега беше запуштено место, за брзо ќе се претвори во уредена урбана зелена површина со реквизити за деца. Дополнително на тоа, ќе се постават и специјални елементи за инклузија, истакна Сарамандов.
Имено, на 37 седница, Советот на Општина Гевгелија ја прифати донацијата од Фондацијата „Ице Бегов“- Скопје за изградба на инклузивен парк за деца и лица со попреченост, инвестиција вредна 2.568.659 денари.