Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура“, на 17 август 2025 година, во Младинскиот дом „Мите Танов- Коми“ во Богородица, се одржа незаборавна фолклорна вечер што собра бројна публика и љубители на традиционални игри и песни. Настанот беше организиран од Месната заедница- Богородица и родителите на дечињата членови на Фолклорната секција „Богородица“, во соработка со КУД „Негорци“- Негорци. На сцената настапија Фолклорната секција „Богородица“, КУД „Бранд Петрушев“- Фолклорна секција „Стојаково“ и КУД „Пискавица“ од Република Српска.
Над 100 играорци со својата енергија, автентичност, шарени носии и маестрална игра ја претворија вечерта во незаборавно патување низ традицијата. Богородица и Стојаково ги претставија македонските народни игри во својот препознатлив стил, додека гостите од Република Српска донесоа дух и ритам од својот крај, збогатувајќи ја вечерта со меѓукултурна размена. Со громогласен аплауз публиката ја награди посветеноста и љубовта на учесниците кон фолклорот, посебно гостувањето на Ансамблот од Република Српска, нагласувајќи ја важноста на културната соработка и меѓусебното почитување на традициите. Со овој културен настан, Богородица доби и интеркултурна димензија, потврдувајќи дека традицијата не познава граници, туку гради мостови на пријателство и разбирање.
Фолклорната вечер остана запаметена како уште едно богато културно доживување во програмата за манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, која низ бројни настани покажува дека традицијата и современоста можат заедно да создадат културна вредност за целата заедница.












