Во духот на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 9 јули 2025 година, во пријатната атмосфера на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, се одржа изложба на младата уметничка Ана Петрова. Пред публиката се претстави со серија уметнички дела изработени во акварел техника, преточени во внимателно дизајнирани артпринтови, рачно изработени сувенири и разгледници со локални мотиви.
Изложените дела ја претставија Гевгелија и околината низ призмата на акварелот-софистицирана техника која Ана вешто ја користи за да долови топли пејзажи, урбани детали и културни симболи. Посебно внимание привлекоа нејзините сувенири и уникатни разгледници, на кои се застапени познати гевгелиски знаменитости и природни убавини, интерпретирани низ нежна и емотивна палета, кои претставуваат совршен спој на уметност и спомен. Покрај визуелната естетика, изложбата пренесе и силна емоционална порака, истакнувајќи ја поврзаноста на авторката со локалната средина. Делата на Ана Петрова не се само уметнички производи туку и чувари на спомени и традиции, преточени во современ и достапен формат.
Изложбата, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија беше дел од пошироката програмска цел- да се поддржат млади автори, да се промовира современото уметничко творештво и да се обнови интересот за културното и уметничкото наследство на Гевгелија преку свежи и иновативни изрази.









