На 5 мај 2025 година, во уметничката галерија „Амам“, беше отворена етнолошката изложба „Ризница на народни носии“. Во организација на НУ Музеј- Гевгелија, оваа поставка опфати стара традиционална, облековна култура со изложување на 7 народни носии коишто се сопствена колекција на Проданов, вљубеник во фоклорот и долгогодишен член на Ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија.
Во прекрасниот амбиент на Амамот, секоја носија беше внимателно изложена со информативен опис, што овозможи посебно културно и едукативно доживување за присутните. Гевгеличани имаа можност одблиску да видат како изгледаат: зетска и невестинска носија од етничкиот предел Бојмија (село Миравци), носија за млада жена од Железник, како и носија од Азот од етничката група Мијаци (село Папрадиште). Исто така, изложбата опфати и носии од Струшко Поле, носија за девојка од Мегленските Власи (село Хума) и невестинска носија од Вевчани.






